Во меѓународната полициска акција „TRIGGER X“, спроведена под организација на ИНТЕРПОЛ, во Македонија одземени се 27 парчиња оружје, 604 парчиња муниција и 10 минско-експлозивни средства.

Акцијата се одвивала од 22 јуни до 5 јули, и извршени се 35 претреси, а контролирани се 548 лица и 382 возила, меѓу кои патнички и товарни возила, како и приколки.

Во предопертаивната фаза на акцијата, при два претреса пронајдени и одземени се три пиштоли, 115 куршуми, рамка за оружје, седум ловни патрони, три рачни бомби и кутија со барут. При увид по пријава пронајдени е пиштол, рамка за оружје, импровизирана направа во вид на цевка за испукување куршуми и 77 куршуми.
Во оперативната фаза извршени се вкупно 35 претреси, и одземени се 27 парчиња оружје и 604 парчиња муниција за кои се преземаат мерки за поведување кривична постапка, како и 10 минско-експлозивни средства. За поведување управна постапка одземени се и три ловни пушки, една пневматска пушка и 128 ловни патрони.
За време на засилените контроли на граничните премини биле лишени од слобода две лица. На „Табановце“, при контрола на возило управувано од австриски државјанин, била откриена непозната материја, по што лицето било приведено поради сомнение за кривично дело според член 215 од Кривичниот законик. На граничниот премин „Меџитлија“, по барање на СВР Велес, било пронајдено лице евидентирано на стоп-листа. Тоа било лишено од слобода и предадено на понатамошно постапување.

Во рамки на акцијата биле спроведени и четири вонредни контроли во стрелачки клубови и две во цивилни стрелишта на подрачјата на СВР Скопје и СВР Битола. При контрола во стрелачки клуб во Прилеп биле одземени ловна пушка и револвер.

Во акцијата учествувале повеќе организациски единици на Министерството за внатрешни работи и Царинската управа, за откривање и спречување на недозволената трговија со огнено оружје и муниција и сузбивање на прекуграничниот криминал. Дополнително, Одделот за криминалистичко-разузнавачка анализа при БЈБ и Секторот за меѓународна полициска соработка извршија проверки во интерните бази на податоци за повеќе од 500 лица и 300 возила.













