Потрошувачката кошничка што ја пресметува Министерството за економија во август изнесувала 58.845 денари, што е за околу 11.000 денари помалку од синдикалната кошничка.
Министерот за економија Бесар Дурмиши разликата ја објасни со различната методологија, односно со производите и трошоците што се опфатени во пресметките.
На прашањето колку пари им остануваат на граѓаните по плаќањето на сите сметки, Дурмиши не даде конкретен одговор, посочувајќи дека владината пресметка покажува колку средства му се потребни на едно четиричлено семејство за еден месец.
Во однос на инфлацијата, која во септември изнесувала 2,7 проценти, министерот рече дека таа е пониска од европскиот просек и дека намалувањето на акцизите за горивата придонело за заштита на животниот стандард.
Дурмиши тврдеше дека околу 30.000 граѓани земаат минимална плата, додека останатите 98 проценти од вработените примаат повеќе од минималецот.
- „Нашата цел е јасна – да имаме реална и објективна слика за тоа колку трошат домаќинствата. За разлика од проценките што се прават според посакуваните потреби, нашата методологија се базира на податоци за реално остварената потрошувачка, во согласност со меѓународно прифатените статистички класификации“, истакна министерот Дурмиши.
Сепак, разликата меѓу владината и синдикалната кошничка повторно го отвора прашањето колку навистина чини месечниот живот и дали приходите на граѓаните се доволни за покривање на основните трошоци.












