Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Лекарската фела смирува: Нема простор за паника поради одложувањето на БСЖ вакцинацијата

/

Македонија

Сподели преку :

Нема простор за паника поради одложувањето на БСЖ вакцинацијата, уверуваат здравствените власти. Велат Македонија и натаму е земја со ниска стапка на туберкулоза со околу 10 случаи на 100.000 жители годишно. Остеомиелитисот или воспалението на коските, е ретка несакана реакција која може да се поврзе со БСЖ вакцинацијата. Според надлежните, се регистрираат околу два случаи на милион вакцинирани деца.

„Децата коишто се дијагностицираат, лекуваат во нашата установа, минатата година се 15 случаи, сега до овој месец имаме 12 регистрирани случаи зборувам за туберколозна болест. Секако кај нас доаѓаат контактите со туберколоза, каде што има возрасен болен во фамилијата најчесто, такви сме имале минатата година 35, сега се до 10 во овој момент“, изјави Катерина Бошковска, директорка на Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“.

Посебно внимание треба да се посвети на новороденчињата кои се во близок контакт со лице заболено од туберкулоза. Доколку мајката или друг член на семејството е болен од оваа болест, новороденчето најпрво се испитува, а потоа лекарите одлучуваат дали и кога може да ја прими БСЖ вакцината. Доколку детето веќе е заболено од туберкулоза, примената на вакцината може да доведе до потежок исход, додава Бошкоска. Но еве кои симптоми треба бидат аларм за родителите?

„Доколку постои некакво сомневање, било какво, дека детето има оток на ногата, на раката, на стопалото, тој оток е болен, има ограничување на движењата на екстремитетот или ако приметиме дека ја штеди ногата, криви кога оди, секако ќе побараат лекарска помош и испитувања. Ние сме тука, се што треба ќе се направи. Меѓутоа, нема простор за загриженост, не значи дека секое дете кое примило вакцина треба било какви испитувања, снимки да прави заради овие случаи, бидејќи тие случаи како што слушаме во изминатите денови не се докажани туку се сомнителни“, додаде Бошковска.

Сомнителните случаи првично беа пријавени во Хрватска, каде што здравствените власти добиле четири пријави за можни воспаленија на коските кај мали деца.

Од бугарскиот производител „Бул Био“, пак, соопштија дека кај две деца можеби била применета 10 пати поголема доза од пропишаната. Производителот ги отфрла наводите за проблеми со квалитетот на вакцината. Случајот ќе го проверуваат и македонските здравствени власти.

Во меѓувреме, не се чекаат резултатите од анализите, се набавува едногодишна количина БСЖ вакцини од Јапонија. До пристигнувањето на новите вакцини, новороденчињата нема да се вакцинираат во родилиштата. Вакцинацијата ќе продолжи веднаш штом пристигне новата пратка.

Симона Петровска

Jumbo 2