Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцинскии неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова се очекува денеска да одржат средба во Софија на маргините на меѓународната министерска конференција посветена на Коридорот 8.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека официјално притигнала потврда од Бугарија дека средба ќе има.
-Ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа, дали ќе биде ‘пул асајд’ или билатералка, ќе видиме како домаќинот ќе го организира. Нашите пораки се јасни дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба која што во моментот се наоѓаме, дека сме за добрососедски односи и сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската унија, нешто што многу одамна го заслуживме, рече Мицкоски.
Охрабрувачка, според него, е најавата за постепена интеграција во Европската Унија во која, како што рече, земјава има големи шанси бидејќи исполнува два од трите услови за старт на процесот на постепено интегрирање. Првиот услов допрва се чека, вториот е земјата да има заедничка надворешна и одбранбена политика, нешто што веќе е признаено и третиот е во делот на системот за јавни набавки – реформа за која вели дека во текот на следната недела ќе биде завршена и усвоена во парламентот. За предлогот на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која во име на Европската комисија предложи Советот на земјите членки „ да се укине ветото во процесот на преговорите и да се согласи на примена на гласање со квалификувано мнозинство, иако крајната можност за вето при самото пристапување останува, премиерот рече дека тоа е и нивно барање.
–Очигледно е дека во ЕУ препознаа и се обидуваат со ваков маневар да овозможат кандидатите да дојдат до фаза да бидат членки. Тоа е многу слично како нашето барање, промената на Уставот да стане апликабилна оној момент кога ние ќе ги завршиме преговорите – рече Мицкоски.













