Наместо да одат на терен и да проверуваат дали има неправилности при доделувањето на социјална помош и пензии, вработените во тетовскиот Центар за социјални работи се справувале со оштетените возила. Во полиција пријавиле дека им ги исекле гумите од службените автомобили со што биле спречени да ги извршуваат дел од нивните планирани работи за вчерашниот ден.
„Забележавме дека на едно од возилата две гуми се издишани, а потоа и шоферите забележија дека има и расекотини на двете гуми. А возилата беа испратени на терен поради доставената наредба од страна на министерот за проверка на теренски проверки на корисници на правото на гарантирана парична помош, како и на правото на социјална сигурност на старите лица“, рече Магдалена Веселиновска, директорка на ЦСР Тетово.
Според првичните сознанија во Центарот, не можело да се забележи од камерите за видеонадзор кој е сторителот, затоа што токму во тој период нефункционирало снимањето.
Од СВР Тетово велат дека по вчерашното пријавување денес уште се работи на откривање на сторителите.
„Извршен е увид на местото и се работи на откривање на сторителите и за целосно расчистување на случајот“, рекоа од СВР Тетово.
Овој инцидент доаѓа откако премиерот и ресорниот министер изјавија дека институциите откриле незаконски исплати на разни видови социјална помош за илјадници луѓе, односно дека социјална помош се исплаќала на починати лица, иселени граѓани и фиктивни корисници.
Александар Самарџиев













