Вакцинирањето на новороденчиња со БСЖ вакцина е времено одложено, откако беа регистрирани несакани реакции на вакцината од истиот производител во Хрватска, одлучи Комисијата за имунизација во Министерството за здравство.
Вакцинацијата е одложена до добивање комплетни информации од Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) за сериите, квалитетот и поврзаноста со несакани реакции.
Хрватската агенција за лекови вчера ја запре употребата на БСЖ вакцината од бугарскиот Национален центар за инфективни и паразитски болести Бул Био додека не се спроведе вонредна контрола на вакцините и да се утврдат можните причини за нус појавите. Здравствените власти во Хрватска добиле четири пријави за сомнеж дека вакцината предизвикала воспаление на коските (оститис и остеомелитис) кај мали деца.
„Имајќи предвид дека сакаме превентивно да делуваме, Комисијата даде препорака за времено одложување на вакцинацијата со БСЖ вакцината сè до моментот додека не ги добиеме комплетните информации, а тоа е дали сериите коишто во моментов се користат во Хрватска соодветствуваат со сериите во нашата земја и дали МАЛМЕД, заедно со Институтот за јавно здравје и со Министерството, ќе истражат дали ќе се јават некои дополнителни несакани реакции што ќе се пријават. Во моментот такви информации немаме“, вели д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација.
Воспалението на коски е сериозно заболување кое не би можело да остане незабележано, велат педијатрите.
„Досега навистина немаме регистрирано остеомелит како компликација на БСЖ вакцина. Нема потреба да се прави паника кај родителите“; вели доктор Ставриќ.
Македонското Министерство за здравство информира дека во изминатите 10 години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж за несакана реакција од БСЖ вакцина, во 2022 година, која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација, што како можна реакција е опишани во упатството за употреба.
Пензионерите, хронично болните и бремените жени, пак, се соочуваат со доцнење на бесплатната вакцинацијата против сезонски грип. Никој не се пријавил на тендерот за набавка на вакцини.
Во Министерството за здравство велат дека доцни производството на вакцините во целиот свет поради појавата на нови соеви на грипот.
Податоците од системот за јавни набавки покажуваат дека во изминатите години тендерот за набавка на вакцини против сезонски грип веќе биле завршени до средината на септември.
Срѓан Стојанчов













