Боледувањето се крати од седум на пет дена, доколку состојбата не е подобрена се оди на дополнителни испитувања, а клучната граница од 15 дена боледување останува во надлежност на матичниот лекар. Управниот одбор на Фондот за здравство (ФЗО) денеска едногласно ги донесе измените на Правилникот за боледувања, а оттаму тврдат дека со нив се воведуваат повеќе конкретни олеснувања за пациентите и матичните лекари. За контрола на боледувањата, односно домашни посети кај пациентите кои се на боледување, ќе се одлучува дополнително, бидејќи станува збор за посебен Правилник за контролорите.
„Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, а за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот. Промената од седум на пет дена не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден. Станува збор за периодот по кој, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза“, соопштуваат од ФЗОМ.
Од Фондот информираат дека за дел од дијагнозите нема да биде потребно пациентот да се упатува на лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар, а за дел од дијагнозите се проширува временската рамка предвидена со критериумите.
„Се прошируваат случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, лица на болничко лекување, како и во други оправдани случаи. Кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди, доколку се во предвидениот период на важност, без непотребно повторување на истите испитувања“, додаваат од ФЗОМ.
Како олеснувања кои ќе се применуваат во иднина се предвидени и радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење кај бремените жени кога здравствената состојба е потврдена со специјалистички извештај, како и кај определени тешки заболувања кај кои се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кај боледувањата подолги од 60 дена.
Огнен Чанчаревиќ













