Барем засега нема да се зголемува придонесот за пензиско и старосната граница за пензионирање. Од Владата уверуваат пензискиот фонд бил стабилен. Иако од фискалниот совет, дел од економистите во земјава, но и директорот на ПИОМ, се согласни дека треба да има постепено зголемување на придонесот за пензиско, една мерка од пакетот реформи за намалување на дефицитот во фондот, премиерот Мицкоски се изјасни дека засега такви промени нема да има. И покрај постојаниот дотур на пари од државниот буџет таму, уверува дека фондот е стабилен.
„Директор на фондот претпоставувам си има свој став. Ние не треба секогаш да се сложуваме со ставовите на луѓето кои што се дел од Владата. Но, Владата и јас лично цените дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна. Парите се тука, треба само да се пронајдат онаму каде што се злоупотребуваат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски
Анализата на фискалниот совет во соработка со институтот Фајнанс Тинк покажува дека е нужно да се спроведе пакет мерки за да се стабилизира ПИОМ. Меѓу позначајните чекори кои ги наведоа дека треба да се направат и тоа е да се зголеми придонесот за пензиско – постепено, но да биде навреме, да се пресметува пензијата само според инфлацијата, да се реши проблемот и со сивата економија и слично. Предупредија и дека ако не се направат потребните реформи, дупката во ПИОМ за десет години ќе достигне до 1, 3 милијарди евра.
Во моментов дефицитот е нешто над 850 милиони евра, а дотурот на пари од државната каса таму постојано се зголемува. Меѓу причините за минусот од фискалниот совет го споменаа и линеарното зголемување на пензиите. Мицкоски, пак, тврди дека иако таа одлука може би била товар за фондот, сепак била од корист за стандардот на овие граѓани.
Дефицитот во ПИОМ е проблем за кој се зборува со години. Светска банка и ММФ досега неколку пати кажаа дека за стабилизација е потребно освен зголемување на придонесот да се зголеми и старосната граница за пензионирање. Уште една тема која ја разбранува јавноста е барањето на дел од бизнисот да се скратат празничните неработни денови. За ова прашање Мицкоски се изјасни дека треба да се почитуваат стекнатите работнички права.
Ирена Чачкова












