Очекувањата од средба на министерот за надворешни работи со неговата бугарска колешка се песимистички и умерено-оптимистички.Опозицијата не очекува поместување на позициите, бугарската страна реагира зошто средбата би била билатерална, додека премиерот засега е воздржан.
-Добив совет од претседателката на Европската Комисија, кој го прифатив. Го замоливме министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба, тој тоа го направи. Сè уште немаме одговор. Откако ќе добиеме одговор, тогаш повеќе ќе можеме да коментираме“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Бугарската претседателка, Илијана Јотова, денеска изјави дека е умерен оптимист дека таква средба ќе донесе некаков резултат. Изјави и дека, патот на Македонија кон ЕУ не оди преку ултиматуми и му порача на премиерот Мицкоски дека ова не е билатерално прашање, туку е дел од европската политика за проширувањето.
За билатералниот формат на средбата реагираше и претседателот на СДСМ, кој не очекува ништо од оваа средба.
-Ништо не очекувам. Да глумат повторно патриоти. Зошто немаше до сега средба? Обврска е на министерот за надворешни работи да се среќава со нашите соседи од ЕУ. Што ќе прави Тимчо сега, ќе клечи? Ќе витка кичма?, праша Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од Министерството за надворешни работи во петокот информираа дека е испратено барање за средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова. Одговорот сè уште се чека, а доколку биде позитивен, средбата би се одржала на маргините на министерскиот состанок за Коридорот 8, што е закажан за 8 октомври во Софија.
Барањето беше испратено по совет на претседателката на Европската комисија, Фон Дер Лајен, за време на нејзината посета на Македонија минатата недела.
Далиборка Демјанска Цветановска













