Стопанската Комора ќе бара законски измени со кои работникот ќе треба да бира кои два верски празници сака да ги прославува и да биде ослободен да работни ангажмани наместо како досега да има право на прослава на верски празник пет пати во годината како и да нема неработен ден доколку државниот празник е во недела. Измените ги базираат на проценка дека губат пари поради големиот број неработни денови и дека за споени викенди трпат дополнителна загуби бидејќи граѓаните оделе во странство.
Во моментов има 11 неработни денови за сите граѓани во Македонија и уште до пет неработни во зависност од која вероисповест или етничка заедница станува збор.
„ Празници кои не се однесуваат на сите граѓани во државата со договорот за вработување да се утврдува на индивидуално ниво кој од тие празници вработениот ќе ги празнува. Најголемиот дел од населението, одговорно тврдам дека е така, овие верскиве празници што се пет за припадниците на православна вероисповест убедена сум дека ниту го знаат значењето нити ги славата и ги гледаат само како уште еден неработен ден“, рече Анета Димовска, проектен менаџер Стопанска Комора
Граѓаните сметаат дека треба да се направи длабока анализа како е во соседството и ЕУ и да унапреди ефикасноста на работниците и да се подобрат условите за работа, наместо да се кратат неработни денови од верски празници.
„Што сакаат да постигнат со тоа не ми е јасно. Од една страна зборуваме да се скрати работната недела на 4 дена, дека сме многу продуктивни, од друга страна сакаме да ги кратиме празниците. Зошто да ги кратиме за да работиме повеќе? Не е проблем денот на државните празници и на верските празници. Мислам дека тука е исто влегуваат. Не е тоа проблем, туку многу поголем проблем е колку сме ефикасни за време на работниот ден од 8 часа. Сметам дека тука треба да се подобри и унапреди а не да се дискутираат деновите деновиште кои и имаме како празник“, велат граѓаните.
Сојузот на синдикати не е изненаден од новиот предлог на Стопанската комора и велат дека е очекувано да сакаат да кратат на денови за да избегнат да плаќаат дневница на работниците.
„Мислам дека да не оставаат да бираме како да празнуваме, да размислуваме дали за бадник или за Божиќ да бидеме дома со нашите семејства, за Бајрам исто така да бидеме дома со нашите семејства и да ги поминеме тие денови во празнична атмосфера со скромна трпеза токму поради таквата алчност на газдите, сметам дека ваквите барања служат некому за дестимулирање на работниците. Тие се најголемите виновници што македонскиот работник си замина од Македонија и што продолжуваат да заминуваат“, вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Од ССМ предупредуваат и дека одлуката за недела неработен ден се уште е под притисок на работодавачите за укинување и покрај одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за оценување на уставноста.
Огнен Чанчаревиќ













