Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Бизнис објектив“: Со бизнис дијагностика до освојување нови пазари

/

Економија

Сподели преку :

Изградба на нови куќи и згради, деловни објекти, надградби, доградби, реновирања, промена на старата дограма со нова енергетски поефикасна… Десетици милиони евра годишно се вртат во индустријата за производство на градежна столарија во земјава. Од поединечни мајстори кои на црно го опслужуваат пазарот во својата околина за поситни работи и поправки, преку мали и средни фирми до големи компании насочени кон странскиот пазар. Конкурентен бизнис во кој секој си го бара своето место под сонцето.

Јанпласт е мала фабрика за производство на ПВЦ и алуминиумска столарија од Кавадарци со деветмина вработени. Сопственикот Јанко Костов вели дека најголем предизвик во моментов им се флуктуирачките цени на ПВЦ пластиката, предизвикани од војната во Украина, а потоа и на Блискиот Исток. Со оглед на тоа што пластиката се произведува од нафтени деривати, берзанските цени на репроматеријалите се менуваат од ден во ден, што го прави поголгорочното планирање многу тешко.

„Предизвици има премногу и јас би детектирал само неколку од нив. Значи, цените и движењето на набавната стока на нашите репроматеријали е флуктуирачка малтене од ден на ден, пошто ни е поврзана со геополитичките случувања во целиот свет. Тоа би било еден предизвик. Вториот предизвик би било како што спомнавте, квалификуваната работна сила. Таа тенденција на извоз на нашите квалификувани работни кадри надвор ни претставува дополнителен товар и секако основно би било, нели, организацијата на самиот производствен процес. Тоа е можноста и работа која што ја контролираме самите и можеме најмногу да допринесеме таму, вели Костов.

Дипломираниот криминолог и поранешен полициски инспектор Костов, кој ја напуштил работата во МВР за да се посвети на приватниот бизнис, ја основал компанијата во 2014 година, откако претходно неколку години бил управител на друга фирма со истата дејност. Фирмата со деветмина вработени ја основале заедно со ортаци, а од 2024 година тој е единствениот сопственик.
На почеток работеле само на локалниот пазар, и полека се ширеле. Со инвестициите во нова производна хала и поголемите капацитети за производство смета дека дошло време да излезе на поголем пазар.

„Околу седумдесет проценти од нашето производство е наменето за локалните клиенти во Кавадарци и во Тиквешија. Меѓутоа, останатите триесет отсто работиме на државно ниво. Со текот на годините, Јанпласт гради искуство, знаење и доверба кај клиентите и мислиме дека сме дојдени до еден момент каде што можеме да испаднеме и малце пошироко од рамките на локалниот пазар. Конкуренцијата денеска е сè поголема, клиентите се поедуцирани и бараат поконкретни барања од самите производи и од нашата услуга. Затоа сметавме дека е дојден моментот дека можеме да го стабилизираме досегашното работење, меѓутоа и да испаднеме малку пошироко од самиот локален начин на работа што го имаме досега“, вели Костов.

Преку Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт, во неговата компанија е направена бизнис дијагностика на целокупното работење. Идентификувани се одредени работи кои треба да се направат за поефикасно искористување на производните капацитети и освојувањето на нови пазари.

„Насоката беше јаките страни да продолжиме да ги јакнеме дополнително, нели, меѓутоа задолжително да обратиме внимание и на нашите слаби страни. Мислевме ние дека имаме едни тесни грла. На крајот од самите наоди и препораки испитна дека имаме и други тесни грла за поправање. Која ни е најслаба алка во синџирот да земеме да работиме на неа компаративно, така што насоките од бизнис дијагностиката беа многу корисни за нас“, додава Костов.

Бизнис советничката Наташа Размоска од BizzBee Solutions вели дека кога се работи за мали производствени компании, сопствениците најчесто многу се инволвирани во секојдневната работа и некогаш немаат време да ја видат пошироката слика за да може да носат подобри одлуки. Нивните наоди покажале дека со оглед на тоа што фирмата веќе има искуство, база на клиенти и инвестира во нови производни капацитети, сега треба да се фокусира на подобрување на продажбата. Сепак, таа нагласува дека растот не може да биде во само една област, туку да биде синхронизиран.

„Доколку компанијата нема јасност за тоа како целиот процес се одвива и како функционираат работите, самиот раст потоа може да ѝ наштети повеќе отколку што би донел придонес на самата компанија. Затоа што доколку имаме раст, а процесите не се доволно добро поставени, може компанијата да оди во надолна линија, да создаде притисок во самиот процес на производство, да почнат да се произведуваат производи со полош квалитет, што влијае на задоволството од купувачите и да ја носи компанијата во надолна линија, наместо во нагорна, каде што би требало да оди“, вели бизнис советничката Наташа Размоска.
Малите и средни претпријатија обично ангажираат бизнис советници за дијагностика кога доаѓаат на пресвртни точки во развојот – смена на генерации, воведување на нови производи или освојување на нови пазари.
„Прво мораме да го искористиме во поголем процент сопствениот производствен процес, да ја зголемиме продажбата и полека, но сигурно да газиме чекор по чекор напред, да го задржиме ова што досега го имаме како развој, меѓутоа да размислуваме и за бизнис кон бизнис релации, да освојуваме поголеми пазари надвор од Кавадарци, а би рекол дека и со тек на време нашите амбиции се да конкурираме и надвор од Македонија“, вели Костов.

Статистиката покажува дека во 2025 година, Македонија извезла ПВЦ врати и прозорци, како и прагови, рамки, ролетни и капаци во вредност од над 7,5 милиони евра. Извозот на врати и прозорци, како и рамки за нив и прагови од алуминиум бил скоро 2,9 милиони евра.
Најголеми извозни пазари за ПВЦ врати и прозорци се Германија, Швајцарија, Италија, САД и земјите од регионот, додека алуминиумски врати и прозорци најмногу се извезуваат во Германија, Србија, Грција, Италија и во Швајцарија.

Бројките покажуваат дека оваа индустрија има потенцијал и за поголем извоз, но прашање е колку се реални амбициите на мала компанија да успее да излезе и на пазарите надвор од земјава.

„Не само Јанпласт, генерално и останатите мали бизниси во Македонија мислам дека го имаат потенцијалот. Конкретно за Јан Пласт, ние сметаме дека бар во првата година до две треба прво да се стабилизираат интерно работите, а потоа да се искористи, односно да се согледа и приликата за можност за раст на нови пазари. И мислам дека генерално дијагностиката како процес е многу добар во овој сегмент за компаниите, бидејќи со самото тоа што сопствениците се многу интерно локално ориентирани, не ја гледаат можноста за излез на овие пазари, а ние како, нели, дополнителен пар на очи што доаѓаме да ја видиме самата компанија и да ја покажеме поголемата слика, можеме да им посочиме каде би можеле да растат и како тоа да го направат полесно“, вели Размоска.

Долгогодишното искуство и знаење на компанијата, во комбинација со стручна анализа и нова перспектива, создаваат основа за понатамошен раст, поголема конкурентност и освојување нови пазари.

*Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт.

Срѓан Стојанчов

 

Jumbo 2