Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Бизнис објектив“: Растат уплатите на автомати, во казина и обложувалници додека течат роковите за дислокација

/

Економија

Сподели преку :

Нема откажување од игрите на среќа. Податоците што ги добивме од Управата за јавни приходи покажуваат дека во првата половина годинава во казината, автомат-клубовите и обложувалниците се уплатиле скоро 1,6 милијарди евра.

Само за потсетување, уплатите во текот на целата 2025 година беа 2,8 милијарди евра, што значи дека ако играњето продолжи со исто темпо и во втората половина од оваа година, веројатно ќе се надминат ланските бројки.

Македонските и странските граѓани најмногу пари оставаат на автоматите, каде што вкупните уплати надминуваат една милијарда евра. Уплатите во казината се далеку помали, 380 милиони евра, а најмал дел од колачот имаат обложувалниците. Од 1 јануари до 30 јуни кај нив се уплатени скоро 120 милиони евра.

Од друга страна, најмногу добивки имало во обложувалниците, а најмалку во казината.

Според податоците од Управата за јавни приходи, во првата половина годинава платени се даноци на личен доход по основ на остварени добивки во казина, автомат клубови и обложувалници во вкупен износ од 14,25 милиони евра.

Анализирано подетално, за добивките остварени во обложувалници платен е данок на личен доход над 11 милиони евра, од автомат клубовите 2 милиони, а од казината помалку од еден милион евра.

Во меѓувреме течат роковите за имплементација и прилагодување на новите правила за приредувачите на игри на среќа, откако во јули се донесоа законските измени со кои што се воспоставува поголема контрола на сопственичката структура и потеклото на средствата за приредување игри на среќа. Потоа, се ограничуваат начините за рекламирање со цел да не се поттикнуваат граѓаните да уплаќаат, а најважно е што казината, автомат клубовите и електронските игри на среќа, вклучително и тие што се поставуваат во обложувалниците, треба да се оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта, а ова ќе почне да се применува од 1 јануари 2028 година.

„Правилникот за начинот на утврдување на оддалеченоста и формата и содржината на геодетскиот елаборат ги пропишува директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, кој ќе се донесе во рок една година од денот на стапувањето во сила на Законот (од 14.07.2026 година).
Оттука, точното дефинирање на начинот на кој ќе се мери растојанието од основните и средните училишта ќе биде пропишано од страна на Агенцијата за катастар на недвижности со погоренаведениот правилник“, велат од Министерството за финансии.

 

Најголемите забелешки од страна на засегнатите се токму во тој дел. Алармираат на неусогласености и нејаснотии во законските одредби, а дополнително реагираат и на правната несигурност од аспект на тоа што лиценците за приредување игри на среќа се издаваат на период од 6 години, а во меѓувреме се менуваат правилата за работа во овој бизнис.

  • „Во моментов се соочуваме со неусогласености и нејаснотии на кои што укажувавме уште пред донесување на новиот закон. Имено, во однос на давачките кои што се зголемени со новиот закон има одредени нејаснотии за нивна примена од причина што постоечките лиценци за игри на среќа се издаваат на временски период од 6 години и истите се донесени согласно стариот Закон за игри на среќа. Со новите измени истите се зголемуваат, меѓутоа истото претставува правна несигурност.
    Во однос на светлечките реклами, членките на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа веќе се подготвуваат за истите да ги применат од причина што и пред донесувањето на новиот закон ние како асоцијација бевме согласни со овие измени од одредбите од законот во име на јавниот интерес.
    Во однос на дислокацијата, овие одредби ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2028 година и истите се најистакнати, сакам да кажам најпротивуставни од причина што со оваа дислокација се прават повреди на уставните одредби кои што се јасно дефинирани во Уставот, дека не може да се донесе ограничување во однос на бизнисот и во однос на претприемништвото.
    Во моментот 500 метри кои што се во 2026-та не значи дека ќе претсавуваат 500 метри и во 2027-ма од причина што општините со секој нов детален урбанистички план предвидуваат нови образовни институции со тоа што ќе се доведе нели во прашање и постоечките објекти за игри на среќа кои во моментот не ги засегаат овие 500 метри“, вели Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.

Според приредувачите на игри н среќа, дислокацијата всушност ќе значи затварање на многу од објектите и отворање можност за нелегално коцкање.

  • „Државните институции прават погрешна проценка и пресметка ако земаат предвид дека со намалување на деловните објекти за приредување на игри на среќа, а воедно со зголемување на давачките, ќе дојдат на исто рамниште со приходите кои што ги добива буџетот од игрите на среќа, а кои што се над 350 милиони евра на годишно ниво.
    Во однос на дислокацијата, првенствено ќе се изгуби од работните места, тоа е прва и основна негативност која што ќе произлезе од дислокацијата. Второ, приредувачите ќе трпат огромни загуби во однос на инвестиција и во однос на уредување на деловните простории кои што имаат јасно пропишани законски одредби за тоа како треба да бидат изградени и што треба истите да содржат. Трето, закуподавачите ќе ги изгубат кириите, а на крајот државата ќе остане без досегашните загарантирани приходи од игрите на среќа.
    Дислокацијата не претставува дека истите деловни објекти ќе се преместат на друго место. 70% од објектите кои што ќе треба да се дислоцираат ќе се затворат бидејќи тоа не е возможно ниту просторно, ниту, пак, инвестициски да можат да се префрлат на друго место“, вели Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа..

Истражувањата спроведени во земјава покажуваат дека секој четврти ученик понекогаш се коцка за пари, а надлежните очекуваат дека токму новото законско решение ќе ги заштити децата од секојдневната изложеност на коцкање и зависности и дека новите правила нема да дозволат коцкањето да се нормализира или да се претставува како стил на живот.

Мирјана Јовеска