Во присуство на голем број верници од Скопје и од други градови низ земјата, денеска во Соборниот храм во Скопје се одржа свечена литургија по повод Денот на сите македонски светители.

Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан – во сослужение со Нивните Високопреосвештенства, Митрополитите: Преспанско-пелагониски г. Петар, Струмички г. Наум, Повардарски г. Агатангел, Европски г. Пимен, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Григориј и Дебарско-кичевски г. Георгиј; со Нивните Преосвештенства, Епископите: Дељадровско-илинденски г. Јоаким и Делчевско-каменички, како и во молитвено присуство на Епископот Хераклејски г. Климент – чиноначалствуваше на Светата Литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Со ова литургиско собитие, на кое присуствуваше и многуброен верен народ, впрочем, беше одбележана и 40-годишнината од епископската служба на Архиепископот Стефан.
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан замонашен е на 3 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид, хиротонисан е за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје, како митрополит Злетовско-струмички, а по поделбата на епархијата, именуван е за митрополит на Брегалничката Епархија, со седиште во Штип.

Во наредните години, покрај работата на Православниот Богословски Факултет, бил главен уредник на весникот „Црковен живот“, а ги вршел и функциите ректор на Македонската Православна Богословија – Скопје, во периодот 1991 – 1999 година, и портпарол на Светиот архијерејски синод.

На Црковно-народниот собор, одржан на 9.10.1999 година, во Соборниот храм на древната Охридска Архиепископија „Света Софија“ во Охрид, бил избран, а на 10.10.1999 година востоличен како петти Поглавар на Македонската Православна Црква и оттогаш тој ја извршува должноста Архиепископ Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана, а истовремено е и надлежен архијереј на Скопската Православна Епархија.

Во обраќањето до верниците г.г. Стефан го истакна значењето на сите македонски светители нивната посебна заложба при изградбата на МПЦ – ОА, но тој акцентот го стави на „црквата која секој од нас ја гради внатре во себе“.

Меѓу другото истакна дека гледа присутни млади луѓе во храмовите и покрај тоа што во училиштата не е застапено изучувањето на Веронауката.

Инаку, освен Оливера Трајковска, раководителка на Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, на свечената литургија во Соборниот храм не присуствуваа други претставници на власта или опозицијата.
Б.С.













