Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

50-ти „Марш на ангелите“ – роднините на загинатите во дискотеката „Пулс“ бараат забрзани судски рочишта и одговори од обвинителството

/

Македонија

Сподели преку :

На 50-тиот „Марш на ангелите“ во Кочани, денеска можеа да се слушнат две пораки од родителите и останатите најблиски роднини на 63 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“, извести за вестите на Телма во 18.30, новинарката Викторија Јованова.

Првата беше испратена до судот а втората до јавното обвинителство.

Најпрвин побараа позасилено темпо на судските рочишта за случајот „Пулс“

„Ние родителите и семејствата бараме интензивно судење со над 10 рочишта месечно. Бараме расправите да се закажуваат редовно а секое одлагање, јасно и јавно да се образложи. Нашите насилно убиени деца нема да се вратат, но правдата за нив веќе доцни. Секое тактизирање и купување време само ја продлабочува нашата болка. Одговорноста мора да се утврди веднаш“ – изјави  Александар Наунов, татко на 17-годишната Надица која го загуби животот во пожарот во „Пулс“.

Од пред зградата на Основниот Суд и Јавното Обвинителствот во Кочани, родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“, поставија и повеќе прашања и барања за одговори од обвинителите.

Родителите на жртвите велат дека се на секое рочиште, ги слушаат доказите и исказите на сведоците, па го прашуваат обвинителството дали врз основа на тие докази и искази се водат нови истраги поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.

Побараа конкретни одговори.

„Пред повеќе од две недели поднесовме барање за сомнеж за даночно затајување поврзано со Дејан Јованов. Дали веќе е оформен предмет и до каде е постапувањето. Дали Државниот инспекторат за труд има поднесено кривична пријава за сомнежите со лиценцата и фалсификување исправа од член 378, став 4. А ако е поднесена, до каде е постапувањето по неа? До каде е постапувањето по сомнежите за давање поткуп и давање награда за против-законито влијание на вработени од УЈП, поврзани со случајот „Пулс“? До каде е предистражната постапка за „Пулс“ за која се објави дека се води од 20-ти ноември минатата година? Бараме обвинителството јавно и недвосмислено да појасни кои постапки се водат – против кого, за кои дела и до каде се стигнати“ – изјави Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.

50-тиот јубилеен „Марш на ангелите“, почна од Паркот на револуцијата, поворката се движеше кон трговскиот центар, застанувајќи пред зградата на полициската станица во Кочани и традиционално заврши пред зградата на Основниот Суд и Јавното обвинителство во Кочани.

Jumbo 2