Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Доверливото“ од архивата на Бихаќка стана јавно – СДСМ ги одби барањата на Платформата за смена на раководството

/

Македонија

Сподели преку :

Раздорот во СДСМ од партиските порти се пресели во архивата на Бихаќка. Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ на документ од три страници со назнака „доверливо“ ги образложува реформските предлози. Како прва точка, седумнаесет потписници бараат Филипче да поднесе неодложна и неотповиклива оставка од функцијата претседател на СДСМ. Следуваат уште неколку точки, да се преземат последователно и без исклучок.

„Се надеваме дека овие предлози ќе стигнат на адресата на оној кој може да ги разбере. Во интерес на иднината на партијата и државата е во разумен рок да се преземат конкретни чекори за враќање на партијата на членството. На хистеријата одговараме со предлози, на инертноста со конкретна акција, на безидејноста со прецизен план“, соопштија од Платформата „Разговори за иднината во 12:05“. 

Неполн час по објавата на Платформата, СДСМ го избриша доверливиот карактер на документот, со јавна објава на истиот, на социјалните мрежи. Со фотографиите следуваше и одговорот дека раководството на партијата не прифаќа ниту еден од предлозите.

„Нема потреба да биде доверливо. За разлика од нив, кај нас сè е транспарентно. Нека чита народот. Седумнаесет потписи против 18 илјади гласа и против целосно СДСМ. Кафеана против Статут. Шема против партија. Партијата не е на продажба. СДСМ не се предава на аванс“, рекоа од СДСМ. 

Покрај оставка од Филипче, од Платформата бараат итен избор на независна Работна група која ќе подготви план за темелни реформи во разумен рок, потоа ревизија на изборот и мандатниот статус на актуелните делегати на Конгресот. Следно барање е одржување на вонреден Конгрес за статутарни измени и на крај фер, слободни и демократски внатрепартиски избори.

Од Платформата сочинета главно од екс-партиски функционери велат дека главна цел им е обединување на опозицискиот фронт, пораз на власта и спасување на социјалдемократскиот курс на СДСМ. Уште веднаш кажаа дека немаат намера ниту да формираат партија, ниту да одат на избори со независни листи.

Петар Догов

Jumbo 2