Среде неизвесноста за европските перспективи на Македонија и во очекување на пораките од претседателката на Европската комисија (ЕК), се заострува наративот меѓу двете најголеми политички партии во земјава. Продолжуваат навредите и квалификациите од јавната говорница.
Лидерот на опозицијата, Филипче, оцени дека Владата на чело со премиерот Мицкоски ја носи државата во изолација, додека регионот напредува во евроинтеграциите, употребувајќи го зборот „идиот“ во изјавата. Вели дека Македонија не е меѓу земјите што имаат јасен патоказ за членство и дека следат уште многу години во европската чекалница.
„Ќе го бранеше името, јазикот, културата, идентитетот. Па сѐ е зачувано во меѓународните договори! Тие тоа го признаваат. Па сега зборува некои будалаштини дека Исланд не сакал во Европската унија. Па, Исланд е дел од заедничкиот пазар. Па може ли човекот да е таков комплетен идиот, да нѐ изолира целосно?! – Нека размисли добро, ако треба вечер нека не спие. Што ќе ѝ каже утре на Фон дер Лајен? – Да не си игра со иднината на земјата, затоа што може да му судат следните генерации“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Оваа изјава на претседателот на СДСМ експресно предизвика политички бранувања и реакции. Први со одговор се јавија од мнозинството. Од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што исто така не штедат зборови во јавните изјави, најчесто употребувајќи го зборот „талог“ во контекст на опозицијата, денеска го осудуваат Филипче. Го обвинија за говор на омраза, политичка паника и притисок. Од партијата отвораат и друго прашање – дали зад јавниот настап на Филипче стојат преземените политички обврски.
„Ова е говор на омраза и говор на човек којшто очигледно се наоѓа во сериозна криза и сложена состојба. Филипче манифестира силен страв и остава впечаток дека е притиснат од внатрешни поделби и притисоци. Ова е говор на уценет човек. Ова не е речник што доликува на доктор и на човек што е дел од академската заедница. Сака да провери дали народот смета како него и се согласува со неговите ставови за прифаќање на бугарскиот ултиматум. Нека побара избори, па да му се одговори од страна на народот на неговото прашање“, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сега не е прашањето дали ќе побараат извинување или не. Не откриваат ниту дали ќе побараат постапка според етичкиот кодекс.
Петар Догов













