Обидот за егзекуција на 50-годишната Криста Пајк во Тенеси е прекинат откако таа останала жива по две дози пентобарбитал.
Нејзините адвокати поднеле итно барање за прекин на постапката, наведувајќи дека Пајк била без свест, но сè уште имала срцев ритам, по што била пренесена во болница.
Правниот тим тврди дека при извршувањето имало проблеми со пристапот до вените и дека лекот можеби не бил внесен во доволна количина.
Медицински експерт ангажиран од одбраната предупредил и на можност од мозочно оштетување поради доцнењето со медицинската интервенција.
Од Одделот за корекции на Тенеси соопштија дека бил следен официјално одобрениот протокол и дека лекот претходно се покажал како ефикасен.
Пајк е осудена на смрт во 1996 година за убиството на 19-годишната Колин Слемер.
Егзекуцијата претходно беше привремено запрена од федерален апелациски суд поради правни приговори поврзани со нејзината историја на сексуална злоупотреба, но Врховниот суд на САД подоцна дозволи постапката да продолжи.












