Столчињата на СДСМ останаа празни во новиот обид на партиите да разговараат за нов Изборен законик. Реформите на изборното законодавство чекаат на консензус, но претставниците на партиите наместо да разговараат за законот, останаа во дилема како да ја убедат најголемата опозициска партија да седне на заедничка маса.
Дијалогот не треба да биде основа за политичко надмудрување порача министерот Јетон Шасивари, на оваа прва средба на работната група откако тој седна во фотелјата во Правда. Го најавува својот следен чекор и очекува да ги види и социјалдемократите на наредната средба.
- „Отсуството на Социјалдемократскиот сојуз како релевантна политичка партија во нашиот партиски и политички систем е хендикеп за овој процес и затоа преку службите на министерството во следниот период ќе се обидам да воспоставам контакт со пратеникот и претседател на СДСМ, Филипче, во Собранието, за и тие да бидат на масата на наредната средба на работната група“, изјави Јетон Шасивари, министер за правда.
Претставниците на партиите со остри критки до СДСМ – велат го саботираат процесот и покажуваат политичка незрелост.
- „Изгледа провидно нивната намера фактички да ја остават Левица единствена партија и хендикепирана, да не може да добие средства од платеното политичко рекламирање. Нашите ставови се јасни – двете главни работи за коишто се залагаме се една изборна единица и фер распределба на средствата за платено политичко рекламирање“, вели Борислав Крмов, пратеник од Левица.
- „Од денес сметам дека веќе ја прокоцкаа и последната шанса аргументирано да говорат и критикуваат дека некој ги забавува реформите и реформскиот процес“, кажа Весна Бендевска, пратеничка од ЗНАМ.
СДСМ не ја прифаќа подадената рака од министерот за правда. Од партијата ја обвинуваат власта дека заедно со Левица турка измени за манипулација на изборите и најавија дека нема да поддржат закон без гаранции за фер и транспарентен процес.
- „Шасивари прифатил да игра како што му свири Мицкоски. Нека не се мачи. СДСМ не седнува на маса со криминалци и со нивни измислени сателити, ниту пак ќе им дозволи изборен грабеж. Нема да поддржиме закон во кој ќе има друг начин на заокружување на гласачкото ливче поради историјата на злоупотреба на изборите во 2016 година и да нема електронско гласање на дијаспората“, велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ бара решение за сигурно и транспарентно гласање на дијаспората, додека ДУИ го потврдува ставот за една изборна единица.
- „Цениме дека би требало ова да биде заедничка обврска да го реализираме уставното право на дијаспората – без разлика дали компромисот ќе биде електронско гласање или гласање по пошта“, вели Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
- „За нас како ДУИ е прифатлива една изборна единица, но за жал има различни предлози и остана во работната група решението коешто е во сила во Изборниот законик“, кажа Блерим Беџети, пратеник од ДУИ.
СДСМ ја бојкотира работната група поради несогласување со предложените измени, особено околу гласањето на дијаспората, и бара усогласување со препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Изборниот законик е една од обврските од Реформската агенда за ЕУ, со рок кој измина во јуни годинава.
Петар Догов













