Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Новите автобуси не се најевтините на тендерот, ќе собираат и помалку патници- тврди ЦГК, надлежните пак ги спремаат трасите

/

Економија

Сподели преку :

Не победила најевтината понуда, се менувале и условите и описот на електричните автобуси. Центарот за граѓански комуникации објави низа недоследности во набавката на 150 нови автобуси. Меѓу главните забелешки е тоа што тендерот за период од 15 месеци бил спроведен три пати. Па, поради тоа во анализата се наведува дека со секое повторување  учесниците, нивните цени и понуди стануваат познати, со што се намалува неизвесноста, а се зголемува ризикот од координација меѓу понудувачите.

Унгарскиот „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ во вториот тендер настапуваа како конкуренти, за во третиот да достават заедничка понуда, која беше избрана за најповолна. Нивната заедничка понуда, првично беше повисока од претходната на „Зонгтонг“ за 492 илјади евра, а од онаа на „Икарус“ за 60 илјади евра (со ДДВ), стои во анализата на Центарот за граѓански комуникации 

Меѓу главните забелешки во анализата е и тоа дека победниците во третиот тендер не понудиле најниска цена.

Нивниот избор следуваше откако двете понуди со пониска цена беа отфрлени. Вредноста на набавката изнесува 60 милиони евра, од кои 57 милиони за автобусите и 3 милиони за станиците за полнење, пишува во анализата 

Забележуваат  и дека во постапките се менувале и условите. Па, така идните автобуси ќе имаат значително помал капацитет од сегашните на ЈСП. Ќе собираат вкупно 66 патници или до 30 места помалку од оние кои се добиени од ЕУ. Oд ЦГК посочуваат и дека Министерството за транспорт не ги доставило до нив побараните документи и анализа врз основа на која се менувала тендерската документација.

По анализата од Центарот за граѓански комуникации, допис стигна и од транспорт и врски. Велат дека не може да се споредуваа автобуси на гас и електрични, а тврдат и дека набавката била целосно транспарентна и согласно Законот за јавни набавки.

Со реакција излегоа и од опозициската СДСМ. Велат дека очигледно тендерот се повторувал три пати за да се наместат условите и да се усогласат играчите.

Градоначалник на Град Скопје веќе го подготвувал теренот за новите автобуси.

Веќе се излезени сите тимови и екипи да работат за кога ќе стигне и првата тура на автобусите ние бидеме спремни со инфраструктура, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски

 Претходно за нив имаше два неуспешни тендери. За обновување на возниот парк се зборува долго. За време на мандатот на Данела Арсовска предлогот за нови автобуси неколку пати беше доставен до Советот на Град Скопје, но советниците од ВМРО ДПМНЕ не ја гласаа точката.

Арсовска пак им велеше дека тоа е нивно ветување до заедничката програма со која настапија на локалните избори во 2021 година. Од транспорт пак сега велат дека по 14 години се обновува возниот парк и се решава сообраќајниот метеж.

Ирена Чачкова