Предметот за притворот на Дејан Јованов Деко се уште е во обвинителството и не е вратен со мислење и нивна одлука во кривичниот суд, рече денеска претседателката на скопскиот кривичен суд Даниела Димовска на брифинг со новинарите. Рокот за определување на притвор за првообвинетиот за трагедијата во кочански Пулс истекува во петок и после 3-ти октомври нема законска можност за ново продолжување на притворот за Јованов – Деко по што обвинителството смее да побара поблаги мерки за обезбедување.
Од обвинителството велат дека јавноста ќе биде известена кога ќе биде донесена одлуката. Одбраната на газда Деко од Пулс понуди и гаранција во имот како дополнителна потврда дека тој нема да бега. Но, додека рокот истекува, во моментот не може да има никаква судска одлука бидејќи предметот е во Обвинителството.
Во еден од предметите поврзани со Пулс, се истражува и улогата на Драган Паунов, вработен во УЈП но и брат на Димовска, претседателката на скопскиот кривичен суд, па на новинарско прашање за перцепцијата во јавност за можно влијание врз случајот поради тоа што големиот судски процес се води во скопскиот суд, таа посочи дека за конкретниот предмет е надлежен друг суд и обвинителство кое не застапува во кривичниот суд. Димовска рече дека може да има перпцепција, но и во други слични случаи, судиите се изземале од предметите во кои биле опфатени нивни блиски.
„Брифингот е да дадам информации за работата на овој суд (Кривичен суд Скопје) и не може да давам податоци за судот или обвинителството во Кочани. Точно е дека има перцепција дека може позитивно да влијаам, меѓутоа мојата функција колку носи пријатели толку носи непријатели. Така да не би знаела во каква состојба се наоѓа мојот брат поради мојата функција“, рече Даниела Димовска, претседателка на кривичен суд Скопје
На брифингот претседателката на Кривичен Димовска соопшти дека досега на судскиот процес за кочански Пулс имало 49 рочишта, а ниту едно не било одложено како што често се случува во големите судски предмети или кога обвинети се функционери за злоупотреби. Завршено е изведувањето на докази на обвинителството, а од утре ќе почнат доказите на одбраната на 34 обвинети. Одбраната предложила дури 244 сведоци или 5-пати повеќе од обвинителството.
Миомир Серафиновиќ













