Реконструкција на фудбалско игралиште во село Чегране: На тендер – фудбалски стадион, на терен – ледина со исушена трева, Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.3).
Според истражувањето Фудбалското игралиште требало да биде реконструирано уште во декември 2023 година. Речиси три години подоцна, наместо функционален терен, на локацијата нема ниту бусен трева, ниту реновирани трибини, ниту систем за наводнување, ниту осветлување – како што беше предвидено со тендерот.
- Договорот го склучила Агенцијата за млади и спорт во март 2023 година, во вредност од околу 112 илјади евра. Досега се исплатени околу 70 илјади евра, односно приближно 63 % од вкупната сума. Според последниот извештај на надзорот и според состојбата на терен, на игралиштето не се работи уште од втората половина на 2025 година. Договорот за реконструкција на фудбалскиот стадион е веќе истечен, објави Центарот за граѓански комуникации.
Министерството за спорт, како правен наследник на Агенцијата, не одговори ниту дали се преземени мерки поради неисполнувањето на договорот, ниту дали се применети договорните механизми за санкционирање на доцнењето.
Од ЦГК сметаат дека ваквата состојба укажува на сериозна негрижа за ефектот од потрошените јавни пари. Кога институциите можат да стигнат до состојбата да бидат исплатени десетици илјади евра, а притоа да не се добие функционален објект, тоа отвора сериозно прашање за ефикасноста на контролата, управувањето со договорите и одговорноста за трошењето на јавните средства.













