Во Македонската академија на науките и уметностите денеска беше промовирана книгата „Неолибералната економска филозофија: Подем, пад, перспективи“ од академик Таки Фити. Станува збор за студија посветена на неолибералните економски модели кои доминираат во современиот свет, со анализа на факторите што придонеле за нивниот подем, причините за кризата на неолибералниот концепт и можните насоки за развој на поодржливи и поправедни економски системи.
Посебно место во книгата е посветено на македонскиот економски модел, неговите карактеристики и отстапувањата од практиките на развиените економии, како и на можните решенија за надминување на клучните развојни предизвици.
Настанот го отвори академик Владо Камбовски, уредник на изданието, додека за содржината и главните пораки на книгата говореше професорот Владимир Филиповски од Економскиот факултет при УКИМ.













