Во извештајот со наслов „Каква ти е среќата“, жените жртви на семејно насилство ги раскажаа своите судбини. Извештахот има за цел да го покаже патот на општеството кон нула толеранција за семејно насилство.Овој извешта е дел од презентираните клучни резултати на проектот „Заштита и превенција од родово базирано насилство во Северна Македонија“, што се спроведуваше во периодот од 2021 до 2026 година од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во соработка со многубројни национални институции, со финансиска поддршка на британската амбасада во Скопје.
Стојанка Мирчева, професорка на Факултетот за безбедност, посочи дека истражувачкиот извештај има симболичен наслов, кој произлегува од наодите на истражувањето.
– Извештајот се вика „Каква ти е среќата“. Токму тоа е реалноста на многу жени во Македонија во барањето поддршка и заштита од професионалците во институциите – додаде Мирчева.
Меѓу другото, таа им се заблагодари и на жените во државата што се согласиле да ги споделат искуствата во барањето заштита и поддршка од институциите.
– Овие искуства се претставени за да допрат до институциите, за да ја сменат реалноста на многу жени што живеат со насилство и бараат заштита и поддршка токму од институциите да бидат заштитени. Институциите и системот што го градиме повеќе од дваесетина години нема цел, не завршува, не се исцрпува со тоа што ќе евидентира случај. Идејата е да имаме ефективна реакција, ефективно да реагираме на повредата, суштинската повреда на човековите права на жените што живеат со насилство – нагласи Мирчева.
Токму поради тоа, истакна, извештајот автентично ги прикажува искуствата на жените што живеат со насилство кога се обратиле до институциите за заштита и поддршка.
– Ефектот во најголем дел провејува низ овие искуства дека е рамнодушност на системот. Токму поради тоа системот мора да премине од фаза на „евидентирам“ во фаза на „реагирам“, и тоа реагирам координирано, со меѓусебна координација – истакна Мирчева.
Таа порача дека како општество не смееме да дозволиме понатаму ниедно насилство да остане минимизирано, да останат да се привилегираат насилниците, а жените што трпат насилство да влегуваат подлабоко во проблеми и во барање излез во животот.
– Дали ќе ја научиме лекцијата како општество? Дали сериозно ќе почнеме да чекориме по патот на нула толеранција за семејно насилство? Нема сама си го барала, нема таква ти е среќата, нема сама го избрала – потенцира Мирчева.
Таа посочи дека значајно е и тоа како реагирала полицијата на некој случај.
– Кога ќе ги соочиме насилниците со реакцијата на државата и на општеството, ефикасна реакција… Не случајно имаме изобилство во дневниот билтен на МВР за секоја пријава за насилство врз жени како реагирала полицијата. Многу силна алатка на превенција е дека насилникот се соочува со моќта на државата. Ја спротивставуваме моќта на државата и нетолеранцијата кон моќта што ја манифестира насилникот кон одредена жена – децидна беше Мирчева.
Даниел Фајлер, британскиот заменик-амбасадор, истакна дека во изминатите пет години Обединетото Кралство преку британската амбасада овде тесно соработуваше со УНФПА за поддршка на земјата и нејзините институции во зајакнувањето на системите за превенција и одговор на родово базираното насилство.
– Заеднички придонесовме за подобра координација меѓу институциите, зајакнување на професионалните практики и поголема одговорност затоа што за вистинска и трајна промена не е доволна само законската рамка – рече тој.
Тој додаде дека ова партнерство никогаш не се однесувало само на спроведување активности.
– Се работеше на зајакнување на самиот систем со цел поддршката за жртвите да биде координирана, ефикасна и одржлива. А одговорноста за тоа сега е на самите институции, кои треба да се погрижат сите придобивки и целокупната работа што ја постигнавме заедно да продолжи да им користат на жените и девојчињата во оваа земја. Затоа, многу ми е драго што сум овде по толку долг период на работа. Голема заслуга има УНФПА, како и сите институции. Вие сте навистина извонредни. Честитки, но вистинската работа почнува сега – нагласи Фајлер.
Јованка Брајовиќ-Григоријевиќ, вршителка на должноста шефица на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во земјата, рече дека тука се да зборуваат за достигнувањата на оваа програма и заеднички да ги исцртаат следните чекори за унапредување на системот за заштитата и превенцијата од родово базирано и семејно насилство,
– Исклучително важен и комплексен проект што преку имплементација на Законот за превенција, спречување и заштита од семејното насилство ги доближува европските принципи, содржани во Истанбулската конвенција, до секој чинител. Денес, по пет години партнерство, стојам гордо, во името на Фондот за население на Обединетите нации, заедно со нашите партнери да покажеме дел од колективниот прогрес направен досега. Работата не застанува тука, па затоа ќе се осврнеме и на следните чекори што ќе нѐ водат кон ставање крај на родово базираното насилство – истакна Брајовиќ-Григоријевиќ.
Светлана Цветковска, раководителка на Секторот за еднакви можности при Министерството за социјална политика, демографија и млади, рече дека справувањето со родово базираното насилство врз жените и семејното насилство е еден од нивните највисоки приоритети.
– Сепак, мора да бидеме реални – брзи и едноставни решенија не постојат. Но, постои системски, истраен и одржлив пат по кој цврсто чекориме. Насилството врз жените претставува најраспространето кршење на човековите права, што премногу често останува непријавено или премолчено зад затворените врати на домот. Наша заедничка обврска е континуирано да ја подигнуваме свеста за препознавање на сите облици на насилство и за навремено постапување со должно внимание. Тоа за нас значи не само реакција и справување со акутното насилство – туку и долгорочно, системско решавање на секој индивидуален чин на насилство, поддршка на жртвата и санкција на сторителот – нагласи Цветковска.
Таа се осврна на тоа како во изминатиот период, во тесна соработка со нивните партнери, го менувале системот.
– Работиме на зајакнување на капацитетите на професионалците во центрите за социјална работа, полицијата, здравството и правосудството, за обезбедување координиран и мултидисциплинарен одговор – ростер на обучувачи и дисеминација на обуки – токму ова е човечкиот капитал, кој понатаму ќе продолжи да работи во оваа облет. Работиме на проширување на мрежата на специјализирани услуги со цел достапност на услугите во сите региони и за сите жени. Паралелно со зајакнувањето на институциите посебен акцент ставивме на комуникациската стратегија за подигање на јавната свест. Преку таргетирани – информативни кампањи – активно работиме на разбивање на стереотипите, препознавање на не толку видливите форми на насилство, како што се психолошкото, економското и сѐ поприсутното – дигитално, односно онлајн-насилството, како и за охрабрување на жртвите и сведоците да не молчат. Преку овие кампањи ги приближуваме информациите до граѓаните за достапните специјализираните услуги, за должното внимание и обврската на сите нас да го пријавиме насилството. Ова не е само кампањско отворање на прашањето, ова е континуиран процес што ќе продолжи да трае – рече Цветковска.













