Македониумот во Крушево, симбол на македонската борба за слобода, за 500 евра е изнајмен за снимање спот за песната Секси мама на косовскиот рапер Дон Џони. Одлуката ја донесе Управниот одбор на Историскиот музеј Крушево, потврдува директорот Миха Оџаклиески. Вели изнајмување е прегруб збор, затоа што само го отстапиле просторот за снимање.
„Просторот го отстапивме со одлука на Управниот одбор по цена од 500 евра за неколку часа. Ова не е првпат, и во други прилики сме го отстапувале Македониумот за соодветна цена. Но, не е целиот спот снимен во Македониумот. Оние делови каде што има кревети и играње се снимени на друго место“, вели Миха Оџаклиески, директор на Историскиот музеј Крушево.
Но, за снимањето во Македониумот, кој е заштитено културно наследство, до Управата за заштита на културното наследство не било доставено барање за дозвола, потврдува директорката Весела Честоева. Таа појаснува дека до Управата пристигнуваат барања за фотографирање и филмско снимање во објекти под заштита, по кои се постапува согласно надлежностите. Според Честоева, барањето може да биде одбиено доколку Управата оцени дека станува збор за настан или содржина што не е културна манифестација.
Македониумот е дело на брачниот пар уметници Јордан и Искра Грабулоски. Споменичкиот комплекс е откриен на 2 Август 1974 година, а во него се наоѓа и гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република.
Со години Македониумот се соочува со проблеми поради протекување и оштетувања. Летово започна поставување метална конструкција на витражите, како заштита од атмосферските влијанија, што предизвика реакции во јавноста, а изгледот на споменикот беше предмет на критики и коментари дека Македониумот е зад решетки.
Додека се чека трајно решение за заштита и санација на објектот, во Македониумот се сними и спотот„ Секси мама“.
Емилија Мисирлиевски













