Дали Силк Роуд Банката ќе добие нов сопственик? Ова прашање веќе извесен период кружи во јавноста, откако во медиумите излегоа информации дека српската Алта банка по Стопанска Битола, тргнува и по Силк Роуд. Но, од НБРМ на прашање на Телма одговорија дека до нив нема стигнато барање за преземање, а доколку се случи тоа, тврдат дека ќе постапат согласно законските надлежности.
Народната банка ја поддржува секоја натамошна консолидација на банкарскиот систем која би била во насока на натамошно зајакнување на сигурноста и стабилноста. Но, важно е да се нагласи дека иницијативата за спојувања и преземања доаѓа од самите банки и нивните сопственици. Оттука, дали ќе има нови преземања или спојувања е прашање на пазарот, пишува во одговорот на НБРМ
Претходно Алта банка на македонскиот пазар влезе преку преземање на Стопанска банка Битола. Пред неколку дена пак матичната банка на Шпаркасе во Македонија, поднесе официјално известување и понуда за преземање на УНИ Банка. Пред неколку години тие ја присвоија Охридска банка.
Ова се неколку потези во банкарскиот сектор за краток период. Познавачите во земјава пак коментираат – окрупнувањето е добро, но само ако не се наруши конкуренцијата па да дојде до влошување на банкарските услуги и кон граѓаните и кон фирмите.
Самото спојување на две банки значи и намалување на трошоците за системи и администрација, но сега дали оваа заштеда ќе ја почувствуваат граѓаните сепак треба да се види дали ќе добијат подобри услови пониски провизии и каматни стапки, изјави Зоран Грнчаровски- банкарски и финансиски експерт и – Ко основач на ТрустФИН ДОО Скопје
Според, Грнчаровски до окрупнување на банките најчесто доаѓа поради тоа што помалите не секогаш можат да се носат со промените на пазарот, особено кога треба да обезбедат дополнителни финансии.
Европските регулативи наметнуваат дополнителни услови кои треба да ги следат банките и НБРМ секоја година бара дополнителен капитал во можноста за растот и развојот на банките така да помалите банки треба да одвојат од својата дивиденда да се докапитализираат или дополнителен свеж капитал што е многу тешко во денешни услови затоа што технологијата оди толку брзо и помалите банки не можат да следат, додава Грнчаровски
Во домашниот банкарски сектор функционираат 13 банки, ако се случи најавеното преземање ќе останат 11.
Ирена Чачкова












