Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Поплавени три министерства, и уште три државни институции од пукната цевка за парно – вработените чекаат насоки како да се продолжи со работа

/

Македонија

Сподели преку :

Пукната цевка за парно греење ги остави без електрична енергија министерствата и државните институции кои се наоѓаат во зградата на поранешна „Нова Македонија“. Ноќеска, по полноќ, пукнала топловодна цевка на вториот кат, по што водата ги поплавила просториите на долните катови. Обезбедувањето го забележало дефектот и веднаш пријавило, по што, поради безбедносни причини, биле исклучени и водата и електричната енергија. Денеска на терен беа екипи за да утврдат за каков дефект станува збор. Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томевски, вели дека за целосно санирање ќе бидат потребни неколку дена.

„Се работи за стара и дотраена инсталација . Станува збор за пукната цевка која носи топла вода на вториот кат. Чекаме да се санира дефектот. Тоа може ќе потрае и до пет-шест дена за да целосно се исуши водата. Дотогаш електричната енергија ќе биде исклучена од безбедносни причини“, вели Ивица Томевски, директор на Служба за општи и заеднички работи.

Во зградата се сместени повеќе министерства и државни инстутуции, меѓу кои министерствата за образование и наука, за локална самоуправа, за јавна администрација и за дигитална трансформација, Државната изборна комисија, Агенцијата за администрација и Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини.

Засега нема пријавено материјална штета во институциите. Вработените денеска не сакаа да зборуваат пред камера, но велат дека не знаат како ќе го организираат работењето без електрична енергија.

Колку време ќе трае санирањето на дефектот и кога објектот повторно ќе може нормално да функционира, треба да проценат екипите на терен. Потоа, своја проценка треба да даде и ЕВН, по што Владата ќе одлучи како ќе продолжи работата на институциите.

Тамара Марковска

 

 

 

 

Jumbo 2