Од болести на кардиоваскуларниот систем минатата година починале 6.888 лица, со стапка на смртност од 378,4 на 1.000 жители.
Овие заболувања учествуваат со 34 отсто од вкупниот морталитет и се на прво место меѓу причините за смртност – изјави денеска директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска. Таа додаде дека поради тоа, денеска, кога се одбележува Светскиот ден на срцето, од ИЈЗ спроведуваат бесплатни прегледи за населението (кои опфаќаат совети од стручни лица, мерење притисок, шеќер, висина, тежина), со цел подигнување на свеста за заболувањата на срцето, односно кардиоваскуларни заболувања, бидејќи сите претставуваат водечка причина за смртност во светот.
Една од дејностите на Институтот за јавно здравје, посочи таа, е превенцијата, подигнувањето на свеста за ризиците од одредени заболувања од јавно-здравстве-.
„Со ваквите активности сакаме да ја подигнеме свеста за раната превенција, бидејќи превенцијата е клучна, и да испратиме порака да се избегнуваат ризиците што може да придонесат до тоа, а тоа се високиот крвен притисок, високиот шеќер, промените во телесната тежина (односно зголемување на телесната тежина), недоволна физичка активност и други фактори што може да укажат на тоа.“, рече таа.
Според министерот за здравство Сашо Клековски, кардиоваскуларните заболувања и смртноста од нив се еден од најголемите предизвици во земјата, регионот и во светот, а Македонија и регионот имаат двапати поголема предвремена смртност отколку Европа.
„Нашиот фокус треба да бидат кардиоваскуларните заболувања бидејќи тие се еден од главните контрибутори за предвремена смртност на луѓе на возраст меѓу 30. и 70. година кога очекуваниот животен век е 75 години. И тоа што е многу важно, сите овие работи може да се превенираат и рано да се откријат со едноставни работи“,рече Клековски.
Упати апел до луѓето да го прават тоа секој ден.
– Јас ги мерам мојот притисок и мојата тежина секој ден наутро за да знам дали осцилира. Сѐ што е повеќе од 120 со 80 притисок треба да го регулирате. Ако долниот притисок е над 90, задолжително пијте терапија. Терапијата не треба да се користи само ако не се чувствувате добро, таа мора редовно да се користи. Тие се кратките и едноставни препораки од некој што има висок крвен притисок и кој го мери секојдневно и ја прима терапијата редовно – додаде Клековски.













