Пет лица се лишени од слобода во полициска акција во Скопје, во која е сузбиена организирана криминална група поврзана со тероризам и недозволена трговија со оружје.
Во акцијата, спроведена на 12 локации, полицијата извршила претреси кај шест лица. Притоа биле пронајдени автоматски и снајперски пушки, пиштоли, муниција, тактички елек, радио-врски, како и знаме на терористичката организација ИСИС. Одземени биле и електронски уреди, мобилни телефони и поголема сума денарски и девизни средства.

Според МВР, 34-годишниот К.И. од Скопје од 2023 година делувал во рамки на организација со идеолошка матрица на ИСИС, при што вршел индоктринација на млади лица, ширел радикална пропаганда и набавувал и ракувал со оружје. Тој заедно со Б.А.(24) и Е.С.(30) заедно со К.И. формирале група во која неовластено поседувале, посредувале и тргувале со огнено оружје и муниција.

Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам поднесе кривична пријава против К.И. (34) за „тероризам“ и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“ како и против Б.А. (24) и Е.С. (30) за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“ .













