Жалбите се бројат во стотици, но и генерално се почитуваат барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Институциите и невладините организации со различни оценки за отвореноста на јавниот сектор. Државните институции го почитуваат правото, но дел од граѓаните не си ги знаат правата, велат од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Но, примиле над триста жалби годинава.
- „Во моментот, поднесени се 334 жалби од почетокот на годината. Со тоа што треба да знаете дека ние имавме еден мал застој во почетокот на годината. Во принцип, државните институции го почитуваат правото. Граѓаните знаат меѓутоа не секогаш сите граѓани го користат ова право од едноставна причина што можеби некои од граѓаните не се доволно информирани“, вели Петар Гајдов, директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
- „Роковите мора да бидат запазени. Не е само тоа вие да дадете информација туку таа информација мора да биде дадена во рок утврден со закон. А, добро е да биде и предвреме“, вели Љупчо Пренџов, пратеник и претседател на Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците.
Сепак, праксата покажува дека роковите се пробиваат. Ова го покажале мерењата на невладините организации. Од „Метаморфозис“ велат дека во последните анализи на локалната, централната власт и парламентот, исполнувањето на индикаторите на пристапност е половично.
- „Институциите споро одговараат. Рокот од дваесет дена што го имаме во нашата држава за одговор на барање за слободен пристап е најдолг во регионот и тие и тој успеваат да го пробијат. Затоа и процентот на жалби во овие дваесет години кај агенцијата е на досто високо ниво. Вториот проблем којшто го идентификувавме е молчењето на администрацијата односно игнорантскиот однос на институциите кон определени барања. Не смее да има различен третман на барањата, не смее да има различен третман на граѓаните во зависност од тоа во која општина живеат и да имате различен степен на отвореност на општините како институции на локално ниво, затоа што граѓаните најчесто доаѓаат во комуникација со својата локална средина“, вели Данче Даниловска – Бајдевска од фондација „Метаморфозис“.
Според податоците од Индексот на активна транспарентност објавени од Центарот за граѓански комуникации, просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2026 година изнесува 82% (од максимално можни 100%), што е за два поена повеќе во однос на минатата година кога изнесувало 80%. Дури 41% од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност во 2026 година.
Најмалку информации, и министерствата и општините објавуваат за финансиите.
Петар Догов













