Расте револтот кај земјоделците во Пелагонија поради доцнењето на субвенциите и состојбата во секторот. Велат финансиски се исцрпени, а производството е доведено пред пред колапс.
Сточарите се жалат дека сѐ уште не им е исплатена премијата за предаденото млеко за 10 месеци, ниту субвенциите по грло добиток за ланската година, а откупната цена на млекото постојано се намалува.
Субвенциите за литар предадено млеко за шест месеци од 2025 и за првите четири месеци од 2026 не ни се исплатени. Исто така бараме за секој откупен литар млеко оваа година да добиеме дополнителни четири денари субвенција, бидејќи цената на млекото падна на граница која сточарите не можат да ја издржат, вели сточарот Борче Бучински.
Регираат на изјавата на министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, кој одговарјќи на пратеничко прашање, кажа дека годинава се реализирани околу 90 проценти од средствата предвидени за финансиска поддршка во земјоделството
Млеко неисплатено година и половина, пиперки неисплатени, а предадени, пчеларство неисплатено, јаболкопроизводителите неисплатени. Дали е тоа само 10 проценти неисплатено, како што вели министерот, дека исплатени се 90 проценти од субвенциите, прашувба Миле Ќебакоски, од здружението Фармери Југозапад.
Земјоделците велат дека покрај неисплатените субвенции, дополнителен удар се и повисоките трошоци за производство.
Штетата со покачувањето на нафтата е огромна. Есенската сеидба е на прагот, а никој не размислува да почне, да не зборуваме за семенскиот материјал, ѓубривата, вели Тони Петковски од „Пелагониско поле“.
Поради незадоволството, земјоделците и сточарите од Пелагонија за 30 септември најавија протест кај Тополчани, каде час и половина ќе го блокираат патот Битола–Прилеп. Главните барања се исплата на заостанатите субвенции и поголема поддршка за земјоделското и сточарското производство.
Емилија Мисирлиевска












