Државната комисија за спречување на корупцијата сѐ уште не одлучила за двата предмети кои се отворени за поранешната претседателка Цвета Ристовска.
И покрај тоа што помина повеќе од половина година откако таа си даде оставка, поради скандалот со непријавениот имот на нејзините синови, како и тоа дека фирма на еден од синовите земала пари од партии предизборно, колегите на Ристовска сѐ уште не одлучиле.
Сѐ уште работат на проверка на судирот на интереси и проверуваат дали имало непријавување на имот од страна на Ристовска.
Во меѓувреме до телма стигна допис во кој се отвора сомнеж за начинот на кој биле распределени и предметите кои биле во рацете на Ристовска. Во него пишува дека по оставката на Ристовска предметите по кои таа постапувала не биле електронски распределени, туку беа директно доделени на новоизбраниот член на ДКСК Катерина Зајковска, со рачна распределба.
Ако е точно ова би било спротивно на деловникот за работа на ДКСК.
Според истиот извор за тоа дали предметите да се распределат рачно членовите гласале на Колегиум, при што Зајковска гласала „против“, а останатите „за“.
Телма постави конкретни прашања до Антикорупциската комисија, дали ваквите тврдења се точни, односно дали навистина сите предмети ги наследила Зајковска, но конкретен одговор нема.
Распределбата на предметите во ДКСК по нивното оформување се врши електронски, по случаен избор. Одлуките по оформените предмети на ДКСК се колективни и ДКСК ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот состав на Комисијата на јавна седница. Во двата предмети оформени за поранешниот член на ДКСК Цвета Ристовска се водат прекршочни постапки кои се во тек, соопштија од дкск.
Инаку Ристовска си даде оставка откако Телма објави дека фирмата „Буст“ добила по 35 илјади евра за кампањата на Пендаровски и Силјановска Дафкова за претседателските избори во 2024 година.
Беше објавено и дека таа во анкетниот лист воопшто не пријавила дека синовите и се сопственици на фирми. Таа го затвори предметот за сомнежите за фалсификуваната диплома по англиски јазик на директорот на АНБ Бојан Христовски.
Телма објави и уште дека токму Ристовска предавала на факултетот каде Христовски завршил, а токму таа предложи предметот за неговата факултетска диплома исто така да се затвори.
По нејзиното заминување од ДКСК ѝ беа отворени прекршочни постапки а местото остана празно. Првичниот обид за избор на нејзин наследник пропадна поради можни неправилности, а од втор пат беше избрана Зајковска.
Таа дојде на на ова место како вработена во секторот за финансирање на политички партии во ДКСК, и таму била во исто време кога била и кампањата со финансирање на фирмите на синовите на Ристовска.
Билјана Николовска













