Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Мицкоски во ОН: Не бараме полесен пат, бараме пат уреден со правила, стандардите да останат стандарди – ова е важно и за кредибилитетот на Европа

/

Македонија

Сподели преку :

Европа да ги почитува правилата, Македонија повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право. Историјата покажува дека направила компромиси и отстапки, често по цена на најосновното чувство за достоинство и правда, вели премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на 81-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации. Од говорницата во Њујорк, тој побара почитување на правилата кои ќе важат подеднакво за сите. Ако од кандидатите за членство во една организација се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок, вели Мицкоски.

-Очекуваме европската интеграција да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми, а не процес во кој билатералните прашања постојано можат да ја поместуваат целта. Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди. Ова е еднакво важно и за кредибилитетот на Европа, вели Мицкоски.

Македонскиот премиер вели дека на светот не му требаат нови поделби во трајни табори, туку конкуренција со граници и правила што мора да се почитуваат. Во времиња на несигурност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост, туку јасност. Според него, тоа не значи свртување од светот, туку со поголема доверба може да соработуваме со земји со различни истории, интереси и различни политички перспективи.

–Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската унија е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија“, вели премиерот Мицкоски.

Премиерот вели дека довербата во меѓународниот систем е загрозена токму затоа што премногу луѓе, како што рече, оправдано чувствуваат дека правилата не важат еднакво за сите и ја нагласи важноста на ОН затоа што не треба да дозволиме несовршеностите на меѓународниот поредок да нѐ одведат кон свет во кој воопшто нема поредок.

Срѓан Стојанчев

Jumbo 2