Неговиот адвокат и екс државен правобранител Фехми Стафа заврши во затвор откако му барал пари за мито наводно за судијата Ѓоко Ристов кој исто така сега е обвинет и му се суди- но главната алка во овој корупциско-судски синџир, Љупчо Пецов викан Ѓаволот на крај доби условна затворска казна во случајот со даночен Синџир. Пецов Ѓаволот признал вина дека организирал група за да изврши кривично дело со затајување на данок, а кривичниот суд уште пред месец дена ја донел пресудата и денеска јавно објави дека главниот организатор на големата даночна измама тешка над 8 милиони евра ќе лежи две години затвор едиствено ако во идните 5 години направи ново кривично дело.
„Судот при определување на казната на овој обвинет, ја имаше предвид и обврската за обезбедување процес на избалансираност во однос на останатите обвинети во овој комплексен кривично – правен случај кои исто така ја признаа вината, ја надоместиле паричната штета и во раздвоените постапки им било изречена исто така алтернативна мерка“, сооптшија од Кривичниот суд.
Иако Ѓаволот доби условна казна затоа што признал дека го организирал даночниот синџир, сите што биле во таа структура се осудени на затворски казни и со признанена вина. Обвинетиот Пецов не можеше да признае вина во судница со останатите соучесници бидејќи беше во бегство од правдата во Македонија и се криеше повеќе од 18 месеци во Бугарија со бугарски пасош. Кога се врати лани летоска, се обиде преку адвокатот Фехми Стафа да не отиде во притвор, но потоа сестрата на Ѓаволот го пријави Стафа дека барал мито од 50 илјади евра за поткуп на судии во Апелација. Пецов според сознанија објавени во емисијата КОД на Телма, снимал телефонски разговори со својот адвокат Стафа каде било спомнувано и името на судијата Ѓоко Ристов. Стафа после апсењето призна вина и доби една година затвор, а Ристов не беше поврзан, но по неколку упорни претреси во куќата на родителите во Неготино, во друг случај беа најдени 350 илјади евра закопани во кујнски ѕид. За Ристов, во тек е судење за непријавен имот. Од друга страна додека и адвокатот и судијата беа или уште се во затвор или куќен притвор, Пецов Ѓаволот не замина во притвор во Шутка бидејќи имаше медицинско уверение, а дополнително судот му определи и постојана полициска заштита поради загрозена безбедност. После сите овие настани, судот во Скопје му пресуди условна казна, му врати три автомобили, два голфа и едно БМВ, бидејќи одби нивна конфискација откако пред речиси три години Ѓаволот го платил долгот кон државата направен со даночни измами. Денеска, судот еден месец по донесувањето ја објави пресудата и тоа неколку часа откако на граничен премин со Албанија се предаде уште еден бегалец осомничен во случајот Синџир, Стојан Чифлигароски.
Миомир Серафиновиќ













