Лицата со оштетен слух се соочуваат со секојдневни бариери при извршување на своите обврски. Споредот податоците во Македонија има околу пет до седум илјади граѓани со оштетен слух, а нешто помалку од 40 толкувачи.
Министерката за образование Весна Јаневска смета дека овој проблем треба да го решат општините, со тоа што ќе обезбедат доволно толкувачи во секое место.
- „Општините имаат обврска да обезбедат по едно лице толкувач и за луѓето со оштетен вид и за луѓето со оштетен слух и говор, да им помагаат во различни ситуации. Колку што ми е познато, во одредени општини ова функционира, но ќе мора да се прошири на територијата на целата држава“ -Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Од Државното средно училиште „Партенија Зографски“, кое една година функционира како ресурсен центар, велат дека меѓу приоритетите е и поголемата вклученост на глувите лица во општеството.
- „Следни предизвици ни се подобрување на процесот за стандардизација на знаковен јазик, поголема имплементација на глувите лица во средината која живеат и воведување на предмет за знаковен јазик“ -Слободанка Џеповска, ДСУРЦ „Партенија Зографски“.
Денеска се одбележува Меѓународниот ден на знаковниот јазик. Најголем предизвик останува знаковниот јазик да биде достапен за сите што имаат потреба од него, а со тоа лицата со оштетен слух би биле рамноправно вклучени во општеството.
Тамара Марковска
Б.С.













