Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Вработените бараат смена на претседателката на кумановскиот суд поради мобинг – Манев одговара: Одбиваат работа и постојано се на боледувања

/

Македонија

Сподели преку :

Синдикалците контра претседателката на судот во Куманово. Едната страна обвинува за закани, мобинг и навреди, другата за бојкотирање и саботирање на работата на судот.

Од УПОЗ бараат Судскиот совет да постапи по претставките на вработени и да ја разреши претседателката на судот, Снежана Манев. Во спротивно најавија штрајк. Според претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, мобингот од претседателката  Манев трае со години кон одредени службеници во Кумановскиот суд. Од Синдикатот таму го лоцираат и проблемот со недостаток на кадар бидејќи многумина си заминале токму поради притисокот на претседателката на судот.

„По последната претставка на вработените до Судскиот совет, во Основниот суд во Куманово дошле двајца претставници на Судскиот совет но наместо да ги заштитат вработените тие ги испрашувале дали потписите се нивни кои се на претставката а на претставката се потпишани 75 вработени во Судот. Го повикувам судскиот совет сериозно да си ја сфати работата и да ги испита сите наводи од поднесената претставка и да ги заштити вработените од самоволието и мобингот на претседателката, и веднаш да поднесе постапка за разрешување на претседателот на основниот суд Куманово согласно предвидените членови во Законот за судови. Доколку истото не се стори во најбрз можен рок, вработените во основниот суд Куманово се спремни не само да протестираат туку во целост да ја блокираат работата на Судот, односно истиот да го затворат“рече Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ .

Претседателката на кумановскиот суд ги демантира тврдењата на УПОЗ и вели дека станува збор за неколку службеници кои ја саботираат работата на судот и одбиваат да извршуваат работни задачи заради што против нив е поведена дисциплинска постапка.

„Дел од вработените, поддржани од страна на судскиот администратор ги одбиваат зададените работни задачи. Истото се гледа во постојано непланско користење на годишни одмори, користење на продолжени боледувања, изостаноци и неоправдани отсуства“, вели Снежана Манев, претседател на Основен Суд Куманово

Манев ги демантира и тврдењата на УПОЗ дека судските службеници си заминуваат поради нејзиниот притисок, потврди дека во моментов недостасуваат педесетина вработени и додаде дека дупката во кадар настанала поради заминување во пензија и во странство.

Огнен Чанчаревиќ

 

 

Jumbo 2