Владата порачува „остануваме на европскиот пат“, опозицијата возвраќа „седиме во изолација“. Различни пораки доаѓаат од спротивставените политички табори.
Премиерот Мицкоски и владината делегација се во работна посета на САД и оттаму пристигнуваат информации за средби со американски претставници, но и пораки за зачувување на идентитетот и македонските црвени линии во процесот на евроинтеграција на земјата.
Но, лидерот на СДСМ, Филипче, со остра порака до премиерот.
- „Христијан Мицкоски директно го загрозува националниот идентитет со оваа изолационистичка политика. И тоа светот веќе го знае, затоа му покажува каде му е местото со такви маргинални состаноци во Америка. Можно е да останеме без буџет од Европската унија затоа што сега кога се прави планот за следниот седумгодишен буџет нема да има веќе преалоцирани средства како што беше ИПА механизмот. ИПА веќе не постои. Тоа значи дека на нас веќе не сметаат. Зошто?! Поради тоа што се свесни дека Владата не работи на европскиот пат“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ и пратеник.
Претседателот на Владата, на самитот „Конкордија“ во Њујорк, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации, се осврна на евроинтеграциите и пречките на патот. Има позитивни сигнали од Брисел, вели Мицкоски и додава дека земјата е подготвена да најде излез од блокадите.
- „За мојата генерација, преговорите со ЕУ беа еден вид начин за промена на институциите, а не за промена на идентитетот. За жал, постојат некои земји-членки кои ја злоупотребуваат својата позиција и се обидуваат да решаваат билатерални спорови, не да ги менуваат институциите, туку да го менуваат вашиот идентитет. Постои таков обид. Имаше заедничка презентација од Франција и Германија на еден неформален документ. Според информациите што ги добиваме од делегациите во Брисел, можеби во текот на октомври, во следните заклучоци на Советот, тој неформален и необврзувачки документ ќе стане дел од официјалната политика на ЕУ“, кажа премиерот Мицкоски.
Во меѓувреме, во ЕУ се засилува дебатата за нов модел на проширување – постепена интеграција и конкретни придобивки, пред полноправното членство. Кој од предлозите ќе биде прифатен, сè уште не е јасно, велат претставници на земји членки на Унијата.
Француско-германскиот нон-пејпер е една од иницијативите, додека неформална група на земји-членки на ЕУ што заеднички се залагаат процесот на проширување кон Западен Балкан да остане високо на агендата, бараат идните членки да не бидат третирани како членки од втор ред.
Петар Догов













