Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Македонија без Чурлинов во Лигата на нации поради проблеми со документите во Полска

/

Фудбал

Сподели преку :

Македонската фудбалска репрезентација ќе биде без Дарко Чурлинов на претстојните натпревари против Швајцарија, Словенија и Шкотска во Лигата на нации. Причината е нерешениот статус за работа и престој во Полска, поради што фудбалерот на Погон Шчечин не може да се приклучи на репрезентативниот собир.

Административни проблеми го спречуваат Дарко Чурлинов да настапи за Македонија во претстојниот репрезентативен прозорец, од 26 септември до 6 октомври.

Според соопштението на ФФМ, неговиот клуб Погон Шчечин доцна ја почнал постапката за обезбедување на потребните документи за работа и престој во Полска.

Поради должината на досегашниот престој, заминувањето од Полска и доаѓањето во Македонија би можеле да го отежнат неговото враќање. Од Федерацијата посочуваат дека Чурлинов би се соочил со дополнителни проверки и можни санкции поради надминување на дозволениот престој без соодветната документација.

За завршување на постапката, според информациите што ФФМ ги добила од Полска, потребни се најмалку две недели.

Федерацијата била известена за проблемот непосредно пред собирот, иако поканата до клубот била испратена пред три седмици. Во барањето решение се вклучени и македонската амбасада во Полска и УЕФА, кои се запознаени со случајот.

Селекторот Гоце Седлоски дополнително ќе одлучи дали ќе повика замена за Чурлинов за дуелите со Швајцарија, Словенија и Шкотска.

ФОТО: ФФМ