Додека ја чекаат правдата за смртта на нивните деца во автобусот на Дурмо турс, најмалку 4-ца родители починале. Имињата на новите жртви на трагедијата се наведени во реакцијата и соопштението на родителите на загинатите и повредените. Над 35 блиски на настраданите во несреќата која се случи пред 7 и пол години реагираат откако Врховниот суд ја укина пресудата со затворски казни за осомничените, при што високи десетгодишни казни добија и сопственикот на Дурмо и одговорниот за транспорт во фирмата.
СООПШТЕНИЕ НА РОДНИНИТЕ НА ЖРТВИТЕ ВО НЕСРЕЌАТА ВО ЛАСКАРЦИ: Со неверување и силно чувство на неправда ја примивме одлуката и образложението на Врховниот суд објавени во медиумите, со која е укината пресудата за обвинетите за трагедијата кај Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, а повеќе од 30 беа тешко повредени. Сметаме дека ваквата одлука дополнително ја поткопува и онака сериозно нарушената доверба на во правосудниот систем.
Врховниот суд ја укина пресудата затоа што смета дека не е утврдена врска меѓу несреќата и обвинетите односно дека не е наведено на кој начин техничката неисправност на автобусот е поврзана со несреќата која однесе 16 животи и го зацрни Гостивар во февруари 2019-та.
И додека Врховниот суд ја укина пресудата и правосилноста на затворските казни за Ласкарци затоа што смета дека второстепениот суд, скопска Апелација, не утврдил дека во дејствијата на останатите осудени се содржани елементите на кривичните дела кои им се ставаат на товар, роднините на жртвите сметаат дека во судските постапки кои траат цели 6 години, на повеќе од 150 рочишта, доказите биле јасни. Пресудата нема да ни ги врати, но правда мора да има, бараат родителите.
СООПШТЕНИЕ НА РОДНИНИТЕ НА ЖРТВИТЕ ВО НЕСРЕЌАТА ВО ЛАСКАРЦИ: Она што го бараме е правда заснована на фактите и доказите изнесени во текот на судскиот процес, кои недвосмислено укажаа на причините што доведоа до трагедијата и врз основа на кои беше утврдена одговорноста во првостепената постапка, а потоа и во второстепената, без понатамошно одолговлекување и без никакви компромиси во утврдувањето на одговорноста за изгубените човечки животи.
Пресудите за обвинетите сега не се правосилни, а во сила остануваат казните од прв степен- 14-годишната затворска казна за возачот, 4-годишната за сопственикот на Дурмо, 6-годишната за одговорниот за транспорт кој е во бегство, како и 5-годишните затворски казни за тројца вработени во техничкиот сервис кој имал ист сопственик како Дурмо-турс.
Миомир Серафиновиќ













