Се менуваа времињата, се менуваа технологиите, но мојата посветеност во она што го работам никогаш не се промени. Да се добие признание од Друштвото на филмски работници на Македонија е вистинска чест, затоа што станува збор за висок критериум создаван низ годините до денес, вели Петре Арсовски добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за повеќе од пет децении работа во македонската кинематографија.
-Веднаш научив дека сојузот со директорот на фотографија е еден од најбитните кои морам да го направам веднаш на самиот почеток, уште од првиот ден. Јас сум горд што македонската кинематографија и тогаш кога јас почнував, а особено сега е рамо до рамо не само со европската туку со светската кинематографија, изјави Петре Арсовски, добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“
Во многу околности начинот на кој ќе се одвива снимањето секако зависи и од буџетот, различно е во Европа, различно е во Америка, но мојот пристап секогаш е ист, важно е да ја имам контролата врз креативниот процес и да ја знам крајната замисла на режисерот, вели Дан Лаустсен, добитник на Златна камера 300 за животно дело.
-Јас ја имав таа среќа или такви околности што секогаш со сите режисери со кои што сум снимал сум бил истомисленик. Никогаш не сме имале некои различни отстапки односно различни ставови кон тоа каква технологија треба да е палетата на бои или каков треба да е контрастот, така што соработката ни одела многу едноставно и просто, вели Дан Лаустсен, добитник на Златна камера 300 за животно дело.
Џеф Кроненвет, добитникот на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската уметност“, кој воедно има добиено и две номинации за Оскар заклучно со оваа година има пет соработки со Дејвид Финчер.
-Секогаш се трудиме да ги пробиеме сопствените граници заедно со Финчер. Многу сака да ексериментира и секогаш кога има најнов крик на технологијата, Финчер сакал да го инкорпорира во својот филм. Ги користел сите можни работи, претежно експериментирал со ред камера, меѓутоа и со сите други технолошки манипулациикои кои му биле достапни ги испробал, но од друга страна тоа претходно било целосно испробано. изјави Џеф Кроненвет, добитник на „Златна камера 300“ за особен придонес во светската уметност
Во седумте фестивалски денови ќе бидат прикажани над 80 филмови. 47. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ ќе биде затворено со македонската премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ.
Новинар: Нина Стефанова
Снимател: Златко Јосифовски













