Над 700 акредитирани филмски работници, новинарски екипи и голем број љубители на филмската уметност се дел од годинашното издание на „Браќа Манаки“. Но, со големиот број гости, повторно се отвора прашање – каде да се сместат? Недостигот на сместувачки капацитети во Битола и годинава се покажа како предизвик за организаторите на фестивалот.
-Делумно да, затоа што нема доволно капацитети во Битола. Ги користиме максимално, вели директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Велат дека, и покрај недостигот на капацитети, фестивалот ја има поддршката од локалната заедница и угостителите.
-Капацитети можеби недостасуваат секаде, но таа поддршка што ние ја добиваме од Општината, од локалното население и од угостителите за нас како фестивал е од огромно значење, вели Марија Димитрова од ДФРМ.
Но, ова не е проблем само на „Браќа Манаки“. Секогаш кога Битола е домаќин на поголеми културни, туристички и спортски настани, побарувачката е поголем од понудата. Проблемот го чувствува и туристичкиот сектор.
Велат дека тоа е една од причините поради кои оргаизирани туристички групи не остануваат подолго од еден ден во Битола.
-Кубуриме со хотелски капацитети од повисок ранг. Ретко кој хотелски капацитет исполнува услови и има доволно број соби да прими еден автобус. Најчесто за тоа се зборува кога е фестивалот „Браќа Манаки“. Доаѓаат 700-800 гости и нема шанси сите да преноќат во Битола, вели Горан Пинза, туристички работник.
Проблемот е дел од научното истражување на универзитетскиот професор Никола В. Димитров, објавено во трудот „Краток историски преглед на хотелската индустрија во Битола“.
Авторот посочува дека во летниот период, кога се одржуваат повеќе културни и други настани, во Битола има над 5.000 гости и туристи.
Според истражувањето, тогаш сите регистрирани сместувачки капацитети се пополнети, па голем дел од гостите се сместени и во нерегистрирани приватни објекти во градот и во околината, а некои и во соседните општини.
Недостигот, според Димитров, упатува на неопходна потреба од зголемување на сместувачките капацитети во Битола.
Новинар Емилија Мисирлиевски
Снимател Златко Јосифовски













