Продолжен е притворот за осомничените за фалсификуваните возачки дозволи, откако беше поднесено обвинението за случајот. Вработената во МВР и уште двајца остануваат зад решетки, а за други тројца недостапни за органите на прогон е определен притвор во отсуство.
Вработената во МВР како помлад советник во период од шест години во повеќе наврати ги користела своите шифри и вршела преправање на возачки дозволи, внесувајќи дополнителни категории. Останатите осомничени кои немале положено за Ц и Д категорија, потоа ги користеле лажните возачки дозволи за да управуваат со автобуси и камиони.
„Ваквите невистинити исправи тие ги користеле за да аплицираат и да добијат сертификати за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки, а потоа во повеќе наврати управувале со автобус или товарно возило во меѓународен сообраќај, информираат од ЈОРСМ.
Според информациите на Телма, некои од нив околу 30 пати излегувале од државата со лажните возачки дозволи, а некои десетина пати, а превезувале патници и стока. Се уште не се знае вработената во МВР колку наплаќала за услугата, бидејќи нема докази. Осомничените затоа се гонат за фалсификување исправа. Оние што не се достапни за органите на прогон не се знае со сигурност дали ја напуштиле државата.
Во меѓувреме се обезбедуваат докази против уште 21 лице кои биле или посредници или барале фалсификуваните возачки дозволи. Дел од нив се и млади кои, според информациите на Телма, имале возачка дозвола од категорија А, но за да може да управуваат со мотори им била потребна категорија Б и затоа фаќале „врски“ за фалсификувани возачки дозволи.
Инаку вработената во МВР во 2021 година била остранета од работното место по поднесената кривична пријава која се однесувала на злоупотреби во постапките за издавање лични документи. На 15 јануари лани била вратена на работа врз основа на судска пресуда. Сега МВР повело постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, а осомничената е суспендирана од работното место.
Марија Митевска













