Во текот на изминатото деноноќие во земјава биле регистрирани 13 пожари на отворен простор, информираат од Центарот за управување со кризи.
До 7:30 часот утринава 12 пожари биле изгаснати, додека еден останал под контрола.
Станува збор за пожарот кај селото Белица во Општина Македонски Брод, кој се шири кон Јасен во Општина Сопиште.
Во пожарот гори нискостеблеста и мешана шума. Останатите пожари биле регистрирани на повеќе локации низ земјава, каде гореле дабова шума, сува трева, ниска вегетација, грмушки, стрништа и отпад.
Според ЦУК, во моментов нема други активни жаришта.
Тројца приведени за пожар на депонијата кај Буково
Три лица се лишени од слобода поради сомнение дека предизвикале пожар на депонијата кај Буково во Охрид, 27 годишен кавадарчанец, 31-годишен штипјанец и 38-годишен стружанец.
Полицијата во близина на депонијата забележала и товарно возило „ивеко“ со струшки регистарски ознаки, натоварено со кабли, при што било констатирано дека поголем дел од нив биле запалени.
По целосното документирање на случајот, против тројцата ќе биде поднесена кривична пријава за „предизвикување општа опасност“.













