Бугарската претседателка Илијана Јотова по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе рече дека се надева дека многу брзо ќе заврши постапката за регистрација на ОМО Илинден, прашање кое како што вели често се користи во критиките кон Бугарија, вклучително и во контекст на европската интеграција на Северна Македонија.
„Се надевам дека на една од наредните седници таа сага ќе заврши. Го нагласив бугарскиот став, за да слушне од прва рака дека ние сме ги спровеле сите нивни препораки до овој момент“, изјави Јотова пред новинарите во Стразбур. Според неа Бугарија „го променила законодавството и постапките за регистрација со цел да се овозможи регистрирање на вакви организации, но пропустите се од страна од ОМО Илинден.
„Го променивме законот заедно со Агенцијата за регистрација, за да можат таму да се регистрираат. За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ“, рече Јотова.
Во соопштението објавено од Советот на Европа, за средбата со бугарската претседателка се нагласува дека се разговрало за напредокот и за отворените прашања во врска со извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
„Во моментов, Бугарија треба да изврши повеќе од 160 пресуди и одлуки на ЕСЧП. Оваа недела, од 15 до 17 септември, Комитетот на министри на Советот на Европа ги разгледува чекорите преземени за извршување на неколку пресуди на ЕСЧП, вклучително и оние од групата предмети „Обединета македонска организација Илинден и други против Бугарија“, пишува во соопштението од Советот на Европа.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур во повеќе предмети утврди повреди на правото на слобода на здружување и мирно собирање во случаи поврзани со ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден“-Пирин, но и покрај пресудите, решение нема.
Јотова оцени дека тековните предмети треба да бидат завршени, бидејќи, како што рече, нивното продолжување „не е добро за сликата на земјата“.













