Проблемот на камионџиите единствено може да се реши преку билатерални договори, а Австрија е следната држава која многу бргу ќе воспостави долгорочни визи за професионалните возачи, уверува министерот за транспорт и врски. Покрај Австрија, се преговара и со Германија, Унгарија и Словенија, а веќе се склучени три такви договори и тоа со Хрватска, Романија и Швајцарија.
- „Имајќи предвид дека беа препознати како професионалци сега може да добиваат долгорочни визи и затоа ние мора да работиме со што повеќе држави да постигнеме ваков договор. Тоа е единственото решение. Има неколку земји членки на Шенген зоната коишто не сакаат да има заедничко решение на сите земји членки. За жал, и визните правила се правила коишто се носат со консензус на ниво на Европска Унија, односно во случајов на шенген зона, и затоа решението е билатерално и ние билатерално работиме“, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
Министерот вели дека преговорите со членките на ЕУ траат веќе осум месеци, а најинтензивни се разговорите токму со државите каде што најмногу движат македонските превозници. Според него, решавањето на проблемот не е важно единствено за превозниците, туку и за сите компании кои извезуваат и увезуваат стока.
- „Ние можеме што сакаме да зборуваме овде, но ако нема начин како добро да ја изнесеме стоката од Македонија во Австрија и од Австрија во Македонија, џабе разговараме. Во 21 век, со признати либерализации, со земја кандидат за членство во ЕУ која ги започна преговорите, да разговараме дали македонски превозник кога ќе се качи во камион треба да ги брои деновите, часовите и минутите колку престојува и да брза да се врати назад, а ако не се врати, прашање е дали возачот ќе замине зад решетки… Мислам дека разговараме за апсурд“, порача Николоски.
Камионџиите се жалат бидејќи иако се признаени како професионални возачи, сепак времето минато во шенген зоната им се пресметува како и на секој друг граѓанин на трети земји, односно престојот им е ограничен на 90 во последните 180 дена.
Мирјана Јовеска












