Три здравствени установи од денеска се под лупа на здратсвените испектори. Проверуваат дали и каде потфриле во случајот со Шавреска, кој на пат од една, до друга болница го загуби бебето во шестиот месец од бременоста. И додека испекторите ја чешлаат нивната докумнетација, болниците се повикаа на нивните интерни контроли, според кои, немало пропусти во лекувањето на бремната жена.
Здравствените инспектори почнаа да го испитуваат работењето на болниците каде се лекувала Љубица Шавреска, која го загуби бебето во шестиот месец од бременоста. Вонредниот надзор ќе ги опфати болниците во Охрид, Струга и Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
- „Државниот санитарен и здравствен инспекторат се фокусира на аспектот на здравствените работници врз основа на дадени писмени изјави, времето на пружени здравствени услуги (прегледи, дијагностички процедури, терапија) врз основа на медицинската документација и здравствената евиденција која се води во здравствените установи“ – Министерство за здравство.
Додека Инспекторатот проверува како течело лекувањето, болниците каде се лекувала жената отфрлаат пропусти.
Од Клиниката за гинекологија во Скопје ги негираат нејзините обвинувања. Објаснуваат дека случајот го разгледала Комисија за квалитет која утврдила дека пациентката е лекувана соодветно.
- „Случајот е разгледан од страна на Комисијата за квалитет при што е констатирано дека во врска со пациентката е постапено по протокол за што постојат и пишани докази за истото (прегледи, терапија и сл.). И покрај сета пружена грижа, пациентката ја напуштила Клиниката на свое барање“ – Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Од болницата во Струга за Телма кусо велат дека пациентката дошла без документи со големи болки и дека и дале терапија за да се намалат болките. Тврдат дека не направиле никаква лекарска грешка.
Од болницата во Охрид пак велат дека пациентката ја одбила предложена хоспитализација. Тврдат дека одбивањето било евидентирано во медицинската документација и потпишано од пациентката.
Инаку медицинската сестра Љубица Шавреска објави фејсбук статус во кој како пациентка се жалеше каква голгота поминала од една до друга клиника за на крај да го загуби своето бебе.
Според нејзиното сведоштво со големи болки во 24-та гестациска недела од бременоста одела од една во друга болница, а на крајот го загубила бебето. Веднаш потоа се огласија и од Министерството за здравство кои кажаа дека доколку се утврдат пропусти ќе има казни.
Тамара Марковска













