Државниот завод за ревизија утврдил низа слабости во планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавните набавки во АД ЕСМ – Скопје. Ревизијата опфатила 27 постапки, со кои во 2024 година биле преземени обврски во вкупен износ од околу 143,6 милиони евра.
Според ревизорите, годишниот план за јавни набавки бил подготвуван без соодветно истражување на пазарот и аналитички пристап при утврдувањето на потребите.
Во текот на 2024 година биле донесени 19 измени на планот, а кај дел од постапките биле регистрирани ограничена конкуренција, постапки со само една понуда, измени на тендерската документација, како и слабости во техничките спецификации и проверката на понудувачите.
Ревизијата открила и конкретни случаи на нецелосно или нерационално искористување на набавените средства.
За гасен мотор биле исплатени 153,3 милиони денари, но тој не бил ставен во функција, додека адитиви во вредност од 141,6 милиони денари во најголем дел останале неискористени и им истекол рокот.













