Прво процентуално покачување на пензиите согласно закон по доаѓањето на власт на оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ. Досегашните четири покачувања во изминатите две години беа линеарни, и покрај критиките од опозицијата. Пензиите, согласно закон, се усогласуваат два пати годишно, во март и во септември, во зависност од инфлацијата и од растот на просечната плата.
Кога претходно имаше линеарно зголемување на пензиите, владините претставници изјавуваа дека тоа се прави затоа што се грижат за оние со пониски пензии и оти линеарното покачување е поправедно. Сега велат дека пензиите ќе се зголемат процентуално, како што предвидува законот, за да ги заштитат пензионерите, со образложение дека имало иницијативи пред Уставниот суд за укинување на линеарното зголемување. Вината ја префрлаат врз опозицијата.
- „Од една страна испраќаат свои експерти, коишто ги фалат на социјалните медиуми, да ги предизвикуваат пред Уставниот суд одлуките на оваа влада за линеарно зголемување на пензиите, а од друга страна, лицемерно излегуваат и без никаков аргумент се обидуваат да испратат критика“, изјави премиерот Мицкоски.
Уставниот суд поведе постапка, по сопствена иницијатива, за уставноста на линеарното зголемување на пензиите кон крајот на 2025 година, но во март годинава ја запре постапката и не го укина линеарното зголемување.
Претставници на повеќе здруженија на пензионери повторно бараат линеарно зголемување на пензиите, затоа што како што велат не е фер некој да добие 3000 денари, а некој само 600 денари. Пресметките за сегашното зголемување сè уште се прават.
Според законот, растот на пензиите подеднакво зависи од растот на трошоците за живот и од растот на просечната плата. Сите добиваат ист процент на покачување, но оние со помали пензии добиваат помалку пари од оние со повисоки. Со линеарното зголемување сите добиваат исто покачување во пари.
Критиките на линеарното беа во насока дека тоа не е фер, затоа што ги дискриминира оние кои подолго и повеќе уплаќале во пензискиот фонд. Владините претставници тогаш се бранеа дека одлуката е донесена по барање на пензионерите. Опозицијата постојано го критикуваше линеарното покачување, и тврдеше дека пензионерите се ограбени, оти со процентуалното покачување ќе добиеле повеќе.
Срѓан Стојанчов












