Угинувањето на рибите го забележале од концесионерот „Хантер Фиш“ и риболовци вчера попладне. Според првичните нивни оцени тоа се случило на потег долг околу 15 километри, од игралиштето во Влазними и пречистителната станица до селото Лисичани.
„Значи ова не го памтам. Јас еве 40 години сум во Кичево не го памтам овој помор на река Треска. Ние излеговме на терен значи има зедовме докази, значи примероци од риба и од вода.Беа и надлежни значи од Министерството за внатрешни работи и инспектор значи од Министерство. Пријавено е во Државен инспекторат за животна средина пријавено“, рече Бесар Елези претседател на риболовното друштво.
Риболовниот концесионер предупредува – граѓаните да не ја собираат и консумираат угинатата риба, бидејќи не е безбедна за употреба. Тие посочуваат една од можните причини.
„Водостојот беше многу низок. Значи пречестителна станица во Кичево што е за отпадни води и фекални води, не беше во функција и тоа све беше таложено во рекана. Друга фабрика немат во тој дел. Јас како претседател на риболовното друштво се сомневам во тоа дека не раководат како што требат, не работат како што требаат, а направија голема штета“, вели тој.
Од Јавното комунално претпријатие Комуналец од Кичево велат дека токму по претставка на риболовно друштво е направен вонреден надзор кај нив од страна на Државен инспекторат за животна средина кој утврдил дека пречистителната станица работи непречено.
Од полицијата информираат дека по пријавата за забележан помор на речна пастрмка по течението на река Треска, помеѓу кичевските села Вранештица и Бигор Доленци, известиле надлежен јавен обвинител и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Заеднички екипи ќе преземаат мерки за целосно расветлување и документирање на настанот. Против лицето кое извршило загадување на вода со штетна материја ќе биде поднесена кривична пријава по член 223 од Кривичниот законик „загадување на вода или добиточна храна“.
Од Општина Кичево информираат дека и нивна инспекциска служба почнала постапка за утврдување на состојбите со пречистителната станица и поморот на риби.
Александар Самрџиев













