Владата со пари од Државна Лотарија и во иднина ќе организра манифестации и прослави, а според премиерот Мицкоски тоа е предвидено и со новите измени на Законот за игри на среќа.
По 5 и пол милиони евра потрошените за одбележување на 35 години независност и настапот на диџејот Дејвид Гета, опозицијата обвинува за финансиски злоупотреби, премиерот посочи дека парите сега се трошат за граѓаните, културата и уметноста, наместо да одат во приватни џебови и ги соопшти и брoјките од објавата на францускиот музичар за настапот на роденденот на Македонија.
View this post on Instagram
-Македонија достоинствено одбележа 35 години од независноста. Самиот настап на светската ѕвезда која што објави видео, кое за 14 часа собра над милион прегледи, говори само по себе,колку му значеше и на него тоа што беше присутен кај нас во Скопје, но и енергијата што ја доби за време на самиот настан. Можам да кажам дека тие кои очајуваат, на времето парите ги трошеа во приватните џебови на Перпарим и останатите, оваа влада сето она што е дел од резервите на Лотарија го враќа назад кај народот, во културата, кај уметниците и тоа е начин на функционирање на оваа влада, изјави Христијан Мицкоски претседател на владата.
Од СДСМ, но и од други опозициски партии обвинуваат дека токму премиерот ја користи Лотарија како приватна каса и дека веќе нема провизии затоа што сега според нив, власта ги вика спонзорство, дивиденда и патриотизам. Тврдат дека парите требало да се пренаменат, па дури ги спомнаа лозарите со наводи за неоткупено грозје. СДСМ бара истрага и објавување на документите за настанот.
-СДСМ бара веднаш да бидат објавени сите договори, анекси, фактури, банкарски исплати и даночни пресметки, како и целосната листа на приматели, изведувачи, добавувачи и приватни финансиери. Ако владата не ги објави веднаш, мора да се отвори истрага. Мора да се утврди каде завршил секој денар, кој заработил на грбот на народот и кој ги злоупотребил народните пари. Народот не е ниту „талог“, ниту „идиот“, рече Маја Борозан, од СДСМ.
По завршување на сите настани за прославата на независноста, владата објави дека потрошените пари, вкупно околу 5 и пол милиони евра, најмногу се од пренамената на дивидендата од Државна Лотарија, а околу 650 илјади евра донации од општествено одговорни компании. Сите манифестации, заедно со настапот на Гета ги гледале околу 100 илјади луѓе, а прославата се викаше силно светнал ден.
Миомир Серафиновиќ













