Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Крмов: „Македонија пат“-Штип летово 25 дена била без нафта – Николовски: Фирмата е оштетена од банда на адвокати, проценители и вештаци

/

Македонија

Сподели преку :

Штипската подружница на Македонија пат летово 25 дена била без нафта, откри пратеник од Левица. Крупните зафати биле прекинати, а за ситните се позајмувало нафта од колегите од Кочани. Машинистите биле испраќани на принуден одмор. Поголем дел од вработените, пак, веќе година и пол немаат ни ХТЗ опрема.

Министерот одговори дека состојбата е резултат на криминалот што се одвивал во ова претпријатие со години. Наследиле 34 милиони долг – за литар боја за фарбање на улици се плаќало десеткратно повеќе, како и за чистење на улици од снег, кои не биле исчистени.

„Огромен дел од вработените немаат ништо си си работат по тренерки и фармерки и ве потсетувам дека со тоа го кршите и законот“ рече Борислав Крмов, пратеник од Левица.

Министерот Николоски рече дека ова претпријатие му е најголемата главоболка.

„Само за удари на кучиња се пресудени оштети од 11 милиони евра. Имаат формирано банда на адвокати, проценители и вештаци и излегува дека, до 2024 година, кога директор беше оној што си ја тепаше жена му, Костадин Ацевски, секој ден се удирале кучиња во возила. После 2024 некако намалија ударите на кучињата“, одговори министерот.

Николоски тврди дека паралелно функционирала и друга, како што ја нарекува пософистицирана банда, во која се вклучени адвокати и компании на кои претпријатието им должи, а кои ги носат предметите во Стразбур.

Судот пресудува дека треба да им се исплати долгот со камата иако и тие нуделе цени далеку над пазарните. Го замоли Јавното обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај и над 20-та кривични пријави кои тој самиот  ги потпишал и да ги истражи случаите.

Од СДСМ, пак, повторно побараа оставка од министерот Иван Стоиљковиќ. Бараат извинување за препукувањето со нивниот пратеник Трајчулевски пред одморите, како и за објавата на неговата партија, посветена на Ратко Младиќ.

-Ова самоволие на Стоиљковиќ, заштитата што ја добива, го отвора прашањето зошто?Што точно ѝ носи на владата на Мицкоски, освен личната врска со Српската напредна странка и Александар Вучиќ?, праша Јована Тренчевска, пратеничка од СДСМ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, ѝ одговори дека не треба да зборува против министер без негово присуство.

-Ќе дојде Стоиљковиќ, ќе го прашате.Спомнувате српски свет и Вучиќ, тоа е оној Вучиќ на кој на минусни температури на граница му аплаудиравте со Филипче за едно кутивче вакцини? Тоа е истиот Вучиќ, рече Мицевски, кој ја опомена Тренчевска дека на оваа седница се поставуваат прашања, а не се држат прес-конференции.

Далиборка Демјанска Цветановска

 

Jumbo 2